1. Промена на животот

1. Промена на животот

Библиска заднина:

Дела на апостолите 6,7; 9; 22,3-15; 26,1-19;
Посланието до Галатјаните 1,10-17.

Павле имал една визија – еден сон. Тоа бил прекрасен, величествен сон – сон за новата доба, за новото устројство на светот. Тоа бил сон за новото и обединето човештво, кое ќе го красат единство, рамноправност, љубов и мир.

Со жар на еден олимпиец, Павле тргнал во мисија да го промени светот. Вака им пишувал на Коринќаните, кои имале обичај секоја втора година да организираат Истмиски игри:

„Не знаете ли дека оние што се натпреваруваат на стадион, трчаат сите, но само еден добива награда? Па така трчајте и вие, за да добиете. Секој натпреварувач се воздржува од сè: тие – за да добијат распадлив венец, а ние – нераспадлив. Јас, пак, така трчам, но не како без цел; не се борам како оној што удира по ветар, туку го истоштувам и го поробувам телото, та проповедајќи им на другите, да не бидам и самиот отфрлен“ (1. Коринќаните 9,24-27).

Павле ја пронашол визијата за која бил подготвен да умре и затоа живеел според неа толку интензивно. По него, светот никогаш повеќе не бил ист.

Двесте педесет години подоцна, половина од Римското Царство ја прифатило неговата порака, а сонот што го живеел влијаел на светот повеќе отколку која било друга идеологија сè до денешен ден.

Какви биле неговите мотиви и која била неговата порака? Како живее личноста која ќе се нафати да го обедини светот?

Ова е сторијата за Савле од Тарс, занаетчија кој изработувал шатори и кој станал Павле, „носител на промените“!

Павле потекнувал од Тарс во Киликија. Со оглед дека бил римски граѓанин, иако со потекло од работничка класа, најверојатно припаѓал на т.н. Синагога на слободните граѓани. Очигледно е дека тие слободни граѓани, кои ги имало ширум Израел, уживале посебен углед и статус во Ерусалим, па дури имале и своја сопствена синагога. Стефан не е типично еврејско име и сè укажува на тоа дека и тој бил член на истата синагога. Како прво, бил еден од седумтемина кои биле избрани да се грижат за елинските вдовици што живееле во Ерусалим.
 
Можеби Павле присуствувал на дискусиите со Стефан во таа синагога. Бидејќи веројатно бил најобразованиот член на синагогата, за неговиот гнев, извесно, уште повеќе придонело и тоа што не бил во состојба да им се спротивстави на аргументите на Стефан и на силата што стоела зад неговите зборови. Можеби токму тоа го поттикнало да тргне во прогонство.
 

Апостол Павле – носител на промени

Животната приказна на Павле

Страшно! Просто неверојатно! Гордиот, моќен Павле ослепел! Дали тоа значи дека до крајот на животот ќе му биде потребна помош од други? Какво понижување! Што е уште полошо, верата за која само до пред неколку дена бил подготвен да умре, сега изгледала како целосно промашување.

Павле имал многу причини да биде горд. Бил римски граѓанин од едно место во Киликија, кое, меѓу другото, било познато по својата единствена школа за грчката филозофија и по огромните библиотеки. Освен хебрејскиот и арамејскиот јазик, течно зборувал и грчки јазик. Неговото семејство припаѓало на религиозната секта фарисеи, а тој се школувал во Ерусалим, кај Гамалиило, еден од водечките еврејски рабини, внук на големиот рабин Хилел. Таа привилегија им припаѓала само на најспособните ученици. Неговите родители и сестра му очекувале многу од него и тој навистина постигнал многу. Дури бил поставен да го претставува Синедрионот, највисокиот орган на еврејската власт.

Сега сето тоа пропаднало. Бил сосем свесен за мигот кога сè тргнало удолу. Тоа се случило во текот на убиството на богобојазливиот Стефан, кој одеднаш почнал да објавува нова и застрашувачка порака дека Месија веќе дошол и дека властите Го убиле. Никој од нив, па дури ни Павле, не бил во состојба да пронајде аргумент со кој ќе го повика да му се врати разумот. Постоела некаква несекојдневна сила во неговите зборови, во толкава мера што некои водачи сковале заговор за да се ослободат од него и изнесувајќи обвиненија против него пред Синедрионот. Сведоците тврделе дека говорел против Мојсеј и храмот, а членовите на Синедрионот толку се разгневиле кога чуле како зборувал за Месија, што во настап на гнев го избркале од градот и го каменувале до смрт, иако тоа било против законот.

Самиот Павле не фрлил камен на Стефан, но, како рабин, го дозволил неговото убиство и ја чувал облеката на оние кои го спроведувале тоа дело. Додека камењата летале кон него, Стефан се молел Бог да му прости на секој од неговите прогонувачи. Павле не знаел како да го сфати неговото мирољубиво држење и тоа особено го збунило и го разбеснило.

Со чувство на праведен гнев, со целосна поддршка на Синедрионот, Павле ја презел улогата на главен прогонувач на оние кои му припаѓале на „Исусовото движење“. Кога и да затворел очи, се сеќавал на лелекот на мајките и децата чии мажи и татковци ги апселе и ги носеле в затвор. Апселе и затворале дури и жени. Некои и ги убиле. Многумина од нив ги претепале со стапови во синагогата. Павле сакал да ги присили да го проколнат тој Исус. Сè уште можел да ги слушне нивните крици и залудно се обидувал да го избрише од сеќавањето нивниот мир кој, и покрај сè, блескал од нивните очи.

Бидејќи речиси го испразнил Ерусалим од Исусовите ученици, Павле тргнал за Дамаск за да пронајде уште некои негови следбеници кои ќе може да ги измачува и да ги убива во Божјо име. Меѓутоа, токму тогаш настанал пресврт во неговиот живот. Ненадејно ослепел, а сепак, прв пат по долго време, имал впечаток дека јасно гледа. Некаква светлина посјајна од сонце и нечие застрашувачко присуство го приковале за земја. Тој на тоа моќно божествено суштество му се обратил со името: „Господе“ (Читајте за тоа во Дела на апостолите 9,5-6).

Средбата на Павле со Бога се разликувала од оние средби што ги доживеале некои луѓе пред него. Тие кои се сретнале со Бога, како што стои во Светото писмо, веднаш биле повикани во мисија. На Павле сега му било сосем јасно дека Исус можел да му го одземе животот. Можел да го осуди. Бил како еден од оние убијци на пророците во Стариот завет, па и полош од нив. Тој дури го мразел Месија. Сепак, Гласот што го чул му влевал надеж. „…Ќе ти биде кажано што треба да сториш“.

Павле се понижил пред Бога, молел за прошка и со денови одбивал да јаде. За тоа време размислувал и се молел. Стариот Павле е мртов – и што сега? Кој е тој сега и каква е Божјата волја за неговиот живот? А потоа, третиот ден, се слушнало чукање на вратата. Павле можел да слушне како неговиот домаќин полека ја отвора вратата. Откако со тивок глас си размениле неколку зборови, слушнал како некој го споменува неговото име. Потоа слушнал како му се доближуваат чекори и нечии топли раце што го допреле: „Брате Савле, ме прати Господ – Исус, кој ти се покажа на твојот пат овде – да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух“.

Во тој момент се случило нешто прекрасно. Бил исполнет со радост, мир и љубов какви што никогаш дотогаш не доживеал. Солзи почнале да му течат. Во тој миг нешто слично како крлушки му паднале од очите и одново можел да гледа.

„Кој си ти?“

„Јас сум Исусов ученик, а Тој има порака за тебе: Господ тебе те избра да бидеш орудие преку кое Неговото име ќе се проповеда на незнабошците, и царевите, и на израелскиот народ. Ти се обрати за да те постави за слуга и сведок на она што си го видел и што ќе го видиш за Него. Ќе те избави од твојот народ и од незнабошците. Тој те праќа ним да им ги отвориш очите и да ги обратиш од темнина во светлина и од сатанската сила кон Бога за да примат проштавање на гревовите и место меѓу оние кои се посветени со вера во Него, ќе ти покаже колку ќе мора да претрпиш поради Неговото име.“

„Што треба да правам?“ – прашал Павле. „Стани и крсти се во име на Господ Исус“, му одговорил Ананија. „Да го извршиме тоа!“

Кога Ананија им го претставил Павле на другите Исусови следбеници, страв и збунетост им се читале од нивните лица. Меѓутоа, гордоста и омразата на Павле ги снемало. Тој човек, кого тој го прогонувал со намера да го убие, сега него го довел до еден поинаков „погреб“. Кога бил нурнат во водата за крштавање, стариот Павле „умрел“, а се родил новиот Павле.

Откако учениците му дале малку храна, силата повторно му се вратила и тој отишол во синагога да го проповеда Евангелието. Во неговите зборови се чувствувала нова сила, сила која сè повеќе раснела колку повеќе го прославувал Исуса.

Павловото обратување на патот за Дамаск

 
Како Павле подоцна ја опишува промената што ја доживува некој кога ќе стане христијанин?
Прочитајте сами за себе: 2. Коринќаните 5,17.

Историска заднина

Дали Павле бил син на поранешен роб? Како Павле, кој се занимавал со изработка на шатори, можел да биде римски граѓанин? Таква привилегија била наменета за „истакнатите слоеви“ на општеството, за елитата. А била и скапа.

Римските граѓани не се занимавале со никаква физичка работа, тоа било работа на робовите. Дали Павле бил син на аристократ? Дали татко му за него ја купил титулата на римски граѓанин? Ако е така, зошто Павле работел како слабо платен занаетчија?

Меѓутоа, постоел и друг начин да се стане римски граѓанин. Кога робовите биле ослободувани, добивале можност да станат римски граѓани. Нивните деца автоматски станувале римски граѓани, иако нивните родители можеби не ѝ припаѓале на елитата, дури и ако сè уште морале да се занимаваат со тешка физичка работа. Додека Палестина била под власт на Римското Царство, многумина, вклучувајќи ги и Евреите, станале робови. Киликија била освоена во 67., а Палестина во 63. година пред Христа. Многу од робовите, според римскиот обичај, добивале слобода по 20-30 години. Тогаш им било доделувано римското граѓанство.

Павле можел да биде син или внук на некој поранешен роб. Шестата глава од Дела на апостолите навестува дека таа теорија би можела да биде точна.

Во приказната за Стефан вели дека оние кои го каменувале, ја оставале својата облека крај нозете на младиот Павле. Може да се заклучи дека тој го одобрувал тоа каменување. Зошто ја оставале својата облека крај неговите нозе? Очигледно е дека го познавале лично. Можеби оделе во иста синагога! Ние, всушност, дознаваме неколку подробности за таа синагога.

Некои луѓе од таканаречената „Синагога на слободни граѓани“, вклучувајќи ги кирињаните и александријците, и некои од Килкија и Азија, станале и се препирале со Стефан (Дела на апостолите 6,9).

Каменувањето на Стефан

Насилство заменето со благодат

Читајте: 1. Тимотеј 1,12-17

Искуството кое му го променило животот на Павле во Дамаск има барем две карактеристики:

1) Исусовото откривање и

2) Доживувањето на благодатта.

Кога Исус му се открил на Павле како воскреснатиот Месија, тоа било како деловите од сложувалката да си дошле на своето место.

Бог ветил многу порано дека ќе го исцели светот кога Месија ќе се појави. Тоа била моќна мисија и Павле и го посветил својот живот, иако погрешно го разбрал начинот на кој таа ќе се оствари. Ако Исус навистина бил Месија, тоа значело дека Павле се борел против она во што всушност и самиот верувал. Бил предавник на Божјото дело, па дури и на своите сопствени идеали.

Некој би помислил дека Бог ја искористил ситуацијата за да го измачува Павле со вина, срам, па дури и со страв. Тоа се мерките кои би можеле да наведат некого драстично да го смени својот начин на однесување, и да се обрати. Меѓутоа, тоа би можело да го наведе да се менува од погрешни причини.

За среќа, постои и подобар начин да се поттикне промена. Тоа е благодатта. Благодатта поттикнува благодарност која нè ослободува од нас самите. Воскреснатиот Исус не му пристапил на Павле со осуда, туку со благодат. Тоа било како да погледнал право во неговото срце велејќи: „Ја видов твојата визија. Ти и јас сонуваме за исти работи, но ти сè погрешно си разбрал. Добре дојде во заедницата“.

Благодатта останала со Павле. Двете теми, Месија и благодат, претставуваат основа на сè за што пишува тој. Секое свое послание го започнувал со поздравот на благодатта „Благодат и мир вам од Бога, нашиот Отец, и Господ Исус Христос!“. И секое го завршувал со варијација на истата мисла: „Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас“.

Иако бил основач на Црквата и апостол, не сакал да ги прифати даровите и да живее на привилегиран начин на живот

Павле, занаетчија кој изработува шатори

Кога читаме за тоа како Павле изработувал шатори, не треба да замислуваме шатори за кампување. Тоа не биле ни шатори што ги купувале номадите кога доаѓале в град. Павле, всушност, правел настрешници за заштита од сонце што ги поставувале над прозорците, вратите на продавниците, тезгите на пазарите итн. Секогаш постоела потреба од заштита од сонце, а не било ни тешко да се носи алатот, така што Павле лесно успевал да најде работа.

Не знаеме кога и каде Павле научил да го работи тоа, но познато е дека сите Евреи, без оглед на статусот и положбата, учеле некој практичен занает. Во грчкиот и во римскиот свет на тие занаети се гледало со омаловажување. Тоа се сметало за работа за робови, а не нешто со што би се занимавале слободните луѓе.

Во Коринт некои богати граѓани сакале да се грижат за Павле, да го ослободат од таа понижувачка работа. Меѓутоа, Павле повеќе сакал да го сметаат за роб (1. Коринќаните 9,10), отколку да биде финансиски зависен. Во своето второ послание до Коринќаните, тој јасно вели дека таа работа била понижувачка. Изразот „се понижив себеси“ може исто така да се преведе и како „се унижив морално“. Во 1. Коринќаните 4,10 тој ја опишува напорната работа од која се издржувал и која ја претставувал како дел од неговото понижување.

Павле можел да биде истакнат и високо ценет рабин во Израел, иако се занимавал со физичка работа. Наместо тоа, тој патувал во оние делови на светот каде го презирале поради неговото занимање. Но, тоа го правел со драго срце, отколку да бега од својот занает и да живее како патувачки филозоф кој наплатува за своите поучувања, тој се поистоветил со робовите, се понижил себеси, и ги превртел работите главечкум. Тој буквално го правел тоа што му го покажал Исус дека треба да го прави кога им ги измил нозете на учениците и кажал дека оние кои сакаат да бидат најголеми, треба да им бидат слуги на сите.

Решил да се поистовети со најмалите и најслабите во општеството. Иако бил основач на Црквата и апостол, во Коринт не сакал да ги прифати даровите и да живее на привилегиран начин на живот. Со тоа ги издигнал слабите на повисоко ниво, и со несмален авторитет можел да ги повикува луѓето да го предадат својот живот на Царот Исус (Прочитајте 1. Коринќаните 1,26-31).

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.