9. Одмор без грижа на совеста

9. Одмор без грижа на совеста

СУДБИНА ИЛИ ЛИЧЕН ИЗБОР?

РАБОТА И САМО РАБОТА

Милица била млада и паметна девојка, полна со сила и желба за стекнување знаење. Се запишала на Медицински факултет. Студиите ги започнала добро, но наскоро сфатила дека тие обврски се преголеми за неа. За да може да постигне да ги исполни сите обврски, почнала да станува во четири часот. Откако ќе го минела целиот ден на предавања, семинари и вежби, останувала будна до полноќ, а понекогаш и подолго за да се подготви за следниот ден. Но, и покрај сиот вложен труд, таа сè повеќе назадувала.

Паднала во очај, па отишла на разговор кај својот професор. Тој како мудар и искусен човек ја посоветувал дека, без оглед на сите обврски, секоја ноќ треба да отспие најмалку седум часа и секој ден половина час енергично да се занимава со некој вид вежбање. Таа со недоверба го слушала. За тоа навистина немала време. Се прашувала како од својот распоред да одземе три и пол часа за спиење и вежбање? На крајот сепак решила да го испроба овој совет. И така заостанувала, па немала што да изгуби.

На нејзино големо изненадување, по две недели нејзините резултати на тестовите се подобриле во позитивна насока. До крајот на академската година просекот на оценките од положените испити бил многу добар, а за извесно време и успешно ги завршила студиите. 

ПРЕКУ ГЛАВА МИ Е ОД СÈ!

Многумина меѓу нас се како Милица. Претераната работа, умствените напори, стресовите и неспиењето ги прифаќаме како нормален дел од животот.

На професионален план настојуваме да се докажуваме, да бидеме успешни и во добри односи со своите колеги. За да го постигнеме тоа, неретко мораме да се соочуваме со критиките, неуспесите и разните внатрешни недоразбирања. На економски и социјален план прифаќаме сè поголеми предизвици. Нашите „потреби“ и желби за материјалните достигнувања се зголемуваат.

Навечер се состануваме со брачниот другар дома, по целиот работен ден и итаницата, потоа со децата кои си го бараат своето, а тука се и домашните обврски и обврските околу набавките. А тогаш, кога би требало да се опуштиме и да доживуваме интимни моменти во семејниот круг, секој е зафатен со своите мисли, проблеми и чувства. Понекогаш немаме сила ни за најобичен разговор.

Автоматски го вклучуваме телевизорот и се препуштаме на возбудливите и драматични емисии и филмови. Тие ја задоволуваат нашата желба за возбуда, но истовремено уште посилно го стимулираат и вознемируваат нашиот и онака изморен нервен систем. И без оглед на тоа дали сме вработени, студенти, работници во фабрики или мајки домаќинки, речиси сите во животот сме го почувствувале тој силен замор кој се протега од ден на ден и кој нè тера да викаме: Преку глава ми е од сè!

Во нашите мисли неизмореноста е синоним за младост и здравје. Во нашиот живот, ние често гледаме луѓе кои се полни со сила и постојано нешто прават. Тоа се луѓе кои, со своите бескрајни напори, постигнуваат успех по успех. Треба ли да се стремиме кон таков идеал?

ПРЕПОЗНАЈТЕ ГО ИСКРЕНИОТ ПРИЈАТЕЛ

Пациентите во развиените земји на своите лекари често им се жалат на замор. На сите ни е познато тоа чувство на слабост и исцрпеност. Немоќта што ја чувствуваме често не ни е пријатна, а уште помалку посакувана. Но доколку на правилен начин ги согледаме работите и го послушаме она што ни го порачува заморот, ќе сфатиме дека тој ни е еден од најискрените пријатели!

Во зависност од причините, постојат и разни видови замор. Два вида замор кои се најчести се хипотоничкиот и хипертоничкиот замор. Работникот, кој цел ден извршува физичка работа на своето работно место, навечер тоне во својата фотелја изморен, но телесно опуштен. Тоа е хипотоничен замор. Кога тој човек ќе си легне за да одмори, тој спие длабоко и опуштено.

Од друга страна, лицето кое на работа претежно седи, поминувајќи ист број часови како и физичкиот работник на своето работно место, но во многу поинакви околности, е изложено на психичка напнатост. Тука се телефонските разговори, проблемите со компјутерот, набиен распоред и план на работа. Сето тоа предизвикува емоционален стрес, кој доведува до замор. Таа личност страда од хипертоничен замор. Лицето се враќа дома не само исцрпено, туку и физички напнато. Тешко ќе заспие, а кога ќе успее во тоа, нема добро да се одмори бидејќи напнатоста може да трае цела ноќ.

Иако тоа може многумина да ги изненади, хипертоничкиот замор е многу посложен од хипотоничкиот затоа што е последица на умствена работа поврзана со емоционална и нервна напнатост.

MOЖНИ ПРИЧИНИ ЗА УМОР:

физичка работа
долготрајна умствена работа
разни емоционални состојби
недостаток на сон
дехидратација

ПОСЛЕДИЦИ ОД ЗАМОРОТ

Заморот на организмот не е ни малку безопасен. Доколку исцрпениот човек се занимава со активности и работи, како што се работа на скелиња, работа со пациенти или најобично возење во сообраќај, лесно може да му се случи да направи тешки грешки. Дури и неспиењето може да предизвика кобни последици и несреќи. Човек кој не спиел 19 часа, се однесува како да има 0,50 промили алкохол во крвта. Дваесет и четири часа континуирано неспиење нè доведува до состојба како во крвта да имаме околу 1 промил етанол!

Заморот е прогресивна состојба и влијае на понатамошните човекови активности. Kога сте уморни, се намалува вашата продуктивност, потребна ви е поголема енергија за извршување на ист обем на работа, а во вашето тело поради тоа се создава поголемо количество отпадни материи. Со самото тоа, многу порано ќе почувствувате дополнителен умор и ќе ви биде потребно подолго време за да се одморите.

Освен тоа, лицето кое е ментално уморно има потешкотии при учењето и донесувањето одлуки, како и проблеми со меморијата. Неговите реакции се бавни или погрешни, скратено е времето на внимание и можноста за концентрација, а често чувствува и нетрпеливост кон инаку саканите личности. Кај таквиот вид замор се јавуваат нестабилни емоционални реакции и нагли промени на расположение – од голема среќа до ненадејно и неочекувано плачење. Поради тешкотиите за контрола на емоциите, таквиот човек често реагира со изливи на бес, панично, нетрпеливо и фрустрирано. Самопочитта му е намалена, а често пати му опаѓаат и духовните вредности.

Кога ќе почувствувате, запрете и одморете се! Иако за многу луѓе тоа е полесно да се каже отколку да се направи, многу е важно така да постапувате. Вашето здравје е поважно од какви било обврски, a oдморот единственото правилно решение за уморот.

ЕМОЦИОНАЛНА ПОДЛОГА ЗА ЗАМОР

Верувам дека од сево ова што досега е изнесено на сите ни е јасно и добро познато од лично искуство. Но, каква врска има нашата емоционална состојба со заморот? Кои се емоционалните причини за замор?

ЗАГРИЖЕНОСТ – Честопати грижата е одличен начин да се потроши многу енергија за ништо. Ние како луѓе сме создадени да можеме да поднесеме одредена количина загриженост. Таа грижа понекогаш може да ни дејствува и поттикнувачки. Меѓутоа, кога грижата ќе продолжи во недоглед, таа може да стане опасна и да предизвика не само замор, туку и многу органски болести. До тоа обично доаѓа кога нашата загриженост не е поврзана за некоја конкретна состојба, туку за измислена ситуација.

На пример, нормално е дека ќе се загрижиме доколку нашето дете доцни два часа од училиште и не знаеме што му се случило. Но, тоа е ситуација која мора да се реши за кратко време и ние нешто ќе преземеме во врска со тоа.

Од друга страна, некои луѓе се грижат за она што им носи иднината: дали ќе има глад, дали ќе дојде до поплава, земјотрес, војна и слично. Таквите внатрешни измачувања немаат изгледи за решавање во краток временски период. Таквата грижа е долготрајна и го заморува човекот.

СТРАВ ОД ПОРАЗ И НЕУСПЕХ – Лицата кои во себе тајно го носат таквиот страв можат да реагираат на два начина.

Кога се соочени со предизвикувачка ситуација, тие ќе почувствуваат вистински напад на замореност – како да станале по непроспиена ноќ. Тоа ќе биде одбранбен механизам на нивниот мозок кој се плаши од пораз и кој им нуди добар изговор за откажување од понудениот предизвик. Од друга страна, некои личности при таков страв можат да реагираат и сосема спротивно. Максимално ќе се ангажираат, ќе ги докажуваат своите вредности и способности, ќе работат без здив и одмор. На тој начин хронично ќе се изморат, и тоа не само емоционално поради страв од неуспех туку и физички од работа и неспиење.

ЗДОДЕВНОСТ – Некои луѓе се изморени поради тоа што животот им е празен, без идеали и повисоки цели. Тие се досадуваат, не знаат како да си го исполнат времето, не чувствуваат никакви предизвици и не знаат што да прават самите со себе. Така, на пример, мајката домаќинка се чувствува непотребна и некорисна кога децата ќе пораснат и ќе си заминат од домот. Ваквата состојба е наполно спротивна на претходната, страв од преземање одговорност, но секако е причина за замор.

ЧУВСТВО НА ВИНА –Ова чувство може да биде предизвикано од немирна совест. Секако, најдобро е што побрзо да се реши настанатиот проблем колку и да нè чини тоа, бидејќи, во спротивно, таквото чувство може да нè исцрпи и буквално да го уништи нашето здравје. Но, како и кај грижата, и овде постои „нереална“ варијанта на грижа на совест која може многу потешко да се препознае како причина за замор.

На пример, млад човек никако не може да си го прости начинот на кој се однесувал спрема својот покоен татко како тинејџер. Затоа постојано самиот се обвинува за татковата смрт, иако сфаќа дека вистинската причина за тој кобен исход е надворешен фактор. Всушност, татко му пред неколку години загинал во сообраќајна несреќа, далеку од домот и од самиот него. Меѓутоа, тоа чувство на вина го прогонува и го уништува, ја црпи неговата сила и му предизвикува голем замор. Грижата, стравот, здодевноста и чувството на вина се најчести, но не и единствени емоционални оптоварувања кои предизвикуваат замор. Иако не е едноставно да се победат, понекогаш за нив е потребна и помош од стручно лице, но првиот чекор кон нивно решавање е секако препознавањето и признавањето на проблемот и состојбата во која се наоѓаме.

ЗАНЕМАРУВАЊЕ НА ПРЕДУПРЕДУВАЊЕТО

Од сето она што е кажано досега, можеме да заклучиме дека постојат јасни последици и знаци на замор. Тие се добри показатели за состојбата во која сме западнале. Од големо значење е навреме да ги препознаеме таквите ситуации кај себе и кај своите блиски. Тогаш треба да застанам, да здивнам и да сфатам дека сум изморен и преоптоварен, и можеби поради тоа заборавам, викам, плачам и не ги контролирам своите реакции. Тоа е единствен точен одговор на ваквата состојба. Без одмор нема вистински процут на здравјето!

Кога ќе почувствувате замор, застанете и одморете се! Иако за многу луѓе тоа е многу полесно да се каже отколку да се направи, многу е важно така да се постапи. Вашето здравје е поважно од која било обврска, а одморот е единствено правилно решение за заморот.

За жал, многу луѓе го занемаруваат предупредувањето на своето тело. Затоа понекогаш доживуваат таканаречен нервен напад. Како доаѓа до него? Заморот, како и болката, е знак за аларм преку кој нашиот организам ни упатува порака дека ни е потребна одредена промена – во овој случај одмор. При одморање, особено во сон, од нашето тело се ослободуваат отровите собрани за време на работата. Мозокот истовремено ќе ги акумулира хранливите состојки кои се потребни за понатамошна работа.

А што прави современиот човек? Тој нема време за одмор, туку работи без здив. Тогаш ќе почувствува голем замор, но повторно го одбива одморот и понатаму работи. Бидејќи не се одмора, се чувствува како јунак, нема грижа на совест и не е некој слабак кој мора да се одмори. А таквото однесување води кон крајна исцрпеност; што и да сака, веќе не умее да се одмори: настанува нервен слом.

ПРИСИЛНО ЗАПИРАЊЕ

Нервниот слом може да се пројави на повеќе начини. Лицето при тоа најчесто преминува во депресивна состојба. Физички гледано, лицето има забавено однесување, штеди енергија, постојано е изморено, слабее, има проблеми со варењето на храната, страда од несоница… Бега од обврски, секој напор му е тежок, чувствува безволност, песимизам, тага, рамнодушност спрема блиските. 

Има и други причини и видови на депресија, но тие излегуваат од рамките на овој курс. Но без оглед на причините на депресија, обично за таквите лица се мисли дека се мрзливи и дека со сила на волјата мораат да направат нешто за себе. Домашните и пријателите поради тоа ги поттикнуваат да станат од кревет, да престанат да „плачат за секоја глупост“. На тој начин не им помагаат, бидејќи недостатокот на волја е последица, а не причина за нивната состојба. Околината почнува да ја презира депресивната личност и со тоа ја влошува нејзината состојба; кај неа се јавува чувство на срам и самопрекор. Како што ќе видиме подоцна, таквото депресивно расположение ја нарушува не само психичката состојба и општествените односи, туку остава и одредени последици врз физичкото здравје

Нервниот слом може да се покаже и на друг начин – со состојба на агитација (вознемиреност). Таквите личности однадвор изгледаат расположено, постојано работат нешто, имаат голема волја за сè, полни се со енергија и постојно се возбудени. Не можат да го контролираат своето однесување, на сè реагираат бурно, хаотично и претерано, со буица зборови и мисли. На тие лица им е многу полесно отколку на депресивните бидејќи немаат чувство на помала вредност и бескорисност; витални се, радосни, имаат силна енергија, изгледаат како силни личности. Поради тоа околината ги сака, ги пофалува, ги наградува… Силата што ја чувствуваат овие лица што се наоѓаат во ваква состојба во основа е лажна. Иако човекот за тоа не е свесен, организмот навистина многу му исцрпен и повеќе не знае да се одмори! Затоа таквата личност кога-тогаш ќе премине во спротивна состојба – во депресија, која ќе биде толку длабока што во оваа фаза на агитација ќе потроши повеќе енергија. А, тука веќе е потребна помош од стручно лице.

ЛАЖНО РЕШЕНИЕ

Современиот човек е склон да прифаќа лажни решенија за заморот и негува разни навики кои можат да ја зголемат можноста за доживување нервен слом. Како вие во практика ја решавате својата исцрпеност?

Многу луѓе, штом ќе почувствуваат дека се заморени, сонливи и дека ги напушта силата, се пружаат кон филџанот со кафе. И заморот како да исчезнал, а тие се повторно будни и полни со елан за извршување на обврските.

Но, дали мислите дека нивната исцрпеност исчезнала? Не, заморот не може да се отстрани и тој не исчезнал, туку само е прикриен. Кога човек ќе го испие кафето, повеќе не го чувствува уморот. Црното кафе и сличните стимулативни средства (чаеви со теин, „кока-кола“) во себе содржат кофеин кој ги стимулира нервите кон акција и на тој начин само делумно го отстранува уморот. Всушност, кофеинот во нашето тело поттикнува и други бројни физиолошки промени, меѓу кои се и забрзаната работа на срцето, намалување на протокот на крв во мозокот, проследени со чести последични главоболки, создавање зависности итн. Овие и другите промени што настануваат од долготрајна употреба на кофеин, можат да доведат до пречки во рамнотежата, несоница, треперење на рацете, забрзано биење на срцето, нервоза и внатрешен немир, но и до поголеми штети по здравјето и зголемување на ризикот од заболување од кардиоваскуларни болести и некои видови рак.

Погледнете што прави човекот со своето здравје! Иако нашето тело нè предупредува дека му е потребен одмор, ние, како и на многу други подрачја, го пренебрегнуваме тоа предупредување и продолжуваме да ги трошиме резервите на телесната сила кога ни е најпотребен одмор. Крајниот резултат од таквото однесување, кое ќе го почувствуваме кога ќе помине надразнувачкото дејство на кофеинот, ќе биде уште поголем замор на телото. Луѓето кои така постапуваат многу полесно ќе доживеат нервен слом.

Имајќи го тоа на ум, треба да бидеме свесни дека црното кафе, рускиот чај, „кока-колата” и стимулативните таблети навидум привремено ни помагаат кога не ни е добро, но не ја решаваат причината за нашите маки, туку само ја продлабочуваат!

На заморените нерви им треба мир и тишина наместо стимулација и прекумерна работа. На природата ѝ е потребно време да ја обнови и поврати исцрпената сила. Кога природните сили се поттикнуваат со употреба на стимуланси, за одредено време ќе се постигнат поголеми ефекти во работата. Бидејќи со постојаното користење на овие средства организмот се исцрпува, ќе ни биде потешко да се врати
силата на саканото ниво.

ФИЗИЧКИ ПОСЛЕДИЦИ

Со изборот на начинот на кој ќе живееме, во голема мера можеме да ја спречиме или одложиме појавата на многу болести.

Кога веќе ги споменавме соматските последици од внесувањето кофеин во организмот, да се задржиме за миг на физичките промени што ги предизвикува во нас уморот, како и неговите последици. Бројните научни истражувања предупредуваат дека човековата психичка и емоционална состојба силно влијае врз развојот на многу болести. Иако за тоа многу подетално ќе разговараме во следната лекција, сега ќе кажеме само дека е докажано дека заморот го зголемува севкупниот морталитет на популацијата, како и ризикот на поединци да добијат срцев инфаркт.

Извршени се бројни истражувања и на лица кои се во депресивна состојба. Резултатите откриле застрашувачка слика. Депресијата го зголемува ризикот од инфаркт на срце и мозочен удар. Според некои студии, ризикот е 50% поголем отколку кај лицата кои не се депресивни. Објаснувањето на овој факт најверојатно се наоѓа во бавниот општ воспалителен процес на телото на депресивната личност, која сама по себе ја поттикнува атеросклерозата. Депресијата кај жените го зголемува опасното насобирање на маснотиите во пределот на стомакот. Покрај тоа, човек кој доживеал инфаркт на срце има 150% поголеми шанси да умре во наредните две години од оштетување на срцето ако е депресивен!

Освен што влијае на развојот на кардиоваскуларните болести, депресијата го поттикнува и настанокот на смртоносните болести. Студиите најчесто укажуваат на значително слабеење на имунолошкиот систем поради негативната психичка состојба, а во такви околности клетките на ракот непречено се развиваат. Доктор Перски со своите колеги од Чикаго уште во 1987 година докажал дека тагата и депресијата кај болните од рак можат да го поттикнат развојот и ширењето (метастазирањето) на болеста. Понатамошните истражувања го обелоденија влијанието на депресијата за намалување на активностите на НК клетките – всушност, тоа се оние клетки на имунолошкиот систем за кои е докажано дека најревносно дејствуваат, како стражари, против развојот и размножувањето на ќелиите на ракот. Пиењето алкохол и пушењето го зајакнува таквото дејство на депресија на имунитетот, а ризикот личноста да заболи станува уште поголем. Поради тоа депресијата е прогласена за самостоен ризичен фактор за појава на рак, а со најголемо влијание на развој на рак на панкреасот.

НЕДОСТИГ ОД СОН

Претходно споменавме дека недостигот од сонот е еден од најважните причини на умор. Колку часови сон дневно му се потребни на човекот е генетски предодредено. На просечниот човек му се неопходни 7-8 часови спиење во текот на ноќта; 20% имаат потреба од помалку од 6 часа, а 10% имаат потреба од повеќе од 9 часа. Во секој случај, доколку во текот на денот чувствувате како да ви се спие, тоа ви е добар показател дека сте си го скратиле скапоцениот и преку потребен сон.

Дали некогаш ви се случило долго да се подготвувате за некој посебен настан – можеби испит, говор, презентација, пат, прослава или слично. Последните денови и ноќи пред очекуваниот настан дадовте сè од себе околу подготовките, а … тоа утро се разбудивте со температура, силна настинка или воспаление на грлото?

Зошто ни се случуваат такви работи? Одговорот е едноставен. Студиите откриле дека губењето на само три часа сон во текот на една ноќ го намалува дејството на имунолошкиот систем за половина. Во текот на следните денови се намалува активноста на НК клетките, но и многу други компоненти на имунолошкиот систем (ЦД 3+ ЦД 4+ ЦД 8+). Иако во рамките на овој курс нема да ги образложиме сознанијата за видовите и квалитетот на сонот, само ќе споменеме дека квалитетот на сонот е независен фактор на промена на имунолошкиот систем, а и тоа како алкохолот, никотинот и кофеинот многу го попречуваат добриот сон.
Несоницата влијае и на нашето здравје и на другите механизми. Така ноќе, доколку не спиете, се излачуваат поголеми количества кетохоламин (група хормони во кои спаѓа и адреналинот) и интерлеукин 6 во крвотокот. Доколку несоницата потрае подолго време, тие кетохоламини го поттикнуваат развојот на кардиоваскуларните болести, а интерлеукенот 6 го зголемува ризикот од воспалителни состојби во телото и е одговорен за промените на имунолошкиот систем во целина.

Поради тоа не е ни чудно што понекогаш, доколку не сме си ги организирале и испланирале нашите активности мудро и навреме, нашето здравје одеднаш да се наруши!

ВИСТИНСКО РЕШЕНИЕ

Ако ги занемаруваме важните предупредувања што ни ги упатува нашето тело преку уморот што го чувствуваме, и ако и покрај тоа продолжиме со напорите, сериозно можеме да го загрозиме нашето здравје. Што треба да преземеме? Како правилно да се одмориме? Се сеќавате ли на Милица и нејзиниот проблем? Едноставната програма на примерен одмор и редовни вежби за неа направиле чудо, а тоа може да се примени и кај вас!

  • Спијте редовно секоја ноќ во согласност со своите потреби!
  • Секоја седмица одредете еден ден за целосен одмор, физички и психички, емоционален и духовен! Немојте секогаш да ги користите викендите само за чистење и дополнителни интелектуални работи.
  • За намалување на напнатоста на вашето тело ништо не влијае толку добро како вежбањето на свеж воздух, посебно во природа (брзо одење, возење велосипед).
  • Кога сте уморни или имате многу обврски и тежок план на работа, јадете полесна храна. Овошјето и супите од зеленчук се лесно сварливи, додека тешките оброци ќе придонесат за ваша исцрпеност и сонливост.
  • Доколку се занимавате со интелектуална работа, направете кратки паузи за опуштање и размрдување на мускулите на работното место. Неколку минути истегнување или брзо одење ќе го освежат вашиот исцрпен ум.
  • Пронајдете време за работите кои ќе ве релаксираат или за некое хоби (музика, цртање, рачна работа). Тоа често влијае смирувачки на нервниот систем и го враќа животот во состојба на урамнотеженост.
  • Избегнувајте стимуланси, како што се кофеинот, гласната и брза музика, ТВ програмите полни со насилство и криминал.
  • Ако вашиот умор напреднал, дневниот и седмичниот одмор веќе не ви се доволни. Во тој случај земете годишен одмор во вистинска смисла на зборот. Во тишината на природата, далеку од вревата, ќе пронајдете мир и одмор кој ќе влијае како мевлем на вашиот оптоварен ум и изморена душа.
  • Доколку сте побожни, побарајте од Создателот на природата да ви го подари својот внатрешен мир, кој ќе ви овозможи најдлабоко смирување и одмор.
Одморот не е мрзливост или безделничење, туку многу корисна и здрава потреба на вашиот организам! Затоа испланирајте правилно одморање без никаква грижа на совест. Прифатете ги советите и начелата изнесени во оваа лекција, а и во останатите лекции од нашиот курс, и набрзо ќе увидете дека имате поголема животна сила, дека е подобрена вашата способност за управување со стресни ситуации, дека вашето здравје доживува процут и дека вашиот целокупен поглед на светот е посветол. Притисоците и животната трка повеќе нема да можат да ве доведат до состојба на долготраен умор и повеќе нема да припаѓате на онаа безбројна група луѓе кои со тажен глас изјавуваат: „Преку глава ми е од сè!“
 

ИЗВОРИ

Hardinge Lifestyle Se “I am so tired“, School of Public Health, Loma Linda University.
Prof. Pierre Daco, „Che Cos e la psihologia“, стр. 16
D-r Neil Nedley, „Proof Positive“, стр. 499
Елена Вајт, „Здравје и среќа“, стр. 287
D-r Prescott et al.“ Vital Exaustion as a Risk Factor of Ishaemic Heart Disease and All-cause Mortallity in a Community Sample. A Prospecitive Study of 4084 Men and 5479 Women in the Copenhagen City Heart Study“, International Journal of Epidemiology, 2003, 32: 990-997
D-r H. S. Lett et al. „Depression as a Risk Factor for Coronary Artery Disease: Evidence, Mechanisms and Tretment“, Psychosomatic medicine 66: 305-315(2004)
D-r VW Persky et al „Personality and Risk of Cancer“, Psihosomatic Medicine, кн.49, 5, 435-449 (1987)
D-r W.Jung et al. „Reduction Natural Kiler Cytotoxic Activity in Major Depression: Interaction Between Depression and Cigarette Smoking“, Psychosomatic medicine 61: 263-270 (1999)
D-r C. P. Carney et al., „Relationship Between Depression and Pancreatic Cancer in the General Population“, Psyhosomatic medicine 65: 884-888 (2003)
D-r M. Irwin et al. „Partial Sleep deprivation reduces Natural Killer Cell Activity in Humans“, Medicine, кн. 56. 6. izd. 496-498 (1994)
D-r L. Redwine et al. „Efects of Sleep and Sleep Deprivation on Interleukin 6..“ JCEM; кн. 85, бр. 10 , 3597-3603 (2000)
D-r M. Irwin et al. „Efects of Sleep and Sleep Deprivation on Cateholamine …“ JCEM, кн. 84, бр. 6 1979-1985 (1999)

Ве молиме да го изработите тестот за да преминете на следната лекција.