8. Современа пандемија

8. Современа пандемија

ЈАСНИ ФАКТИ, СЛОЖЕН ПРОБЛЕМ

Денес нашето општество се соочува со многу сложени прашања поврзани со пушењето. Пред сè, свесни сме за големите здравствени ризици што ги носи пушењето. Жалните статистички податоци, кои подоцна ќе ги претставиме во оваа лекција, им се познати на многумина пушачи. Меѓутоа, без оглед на тоа, околу 50% проценти од возрасните жители на нашата земја пушат. Статистиката покажува дека овој порок го имаат речиси 700.000 граѓани кои годишно трошат околу 11 тони цигари, или 5,5 килограми тутун по глава на жител, што ја става земјава на врвот на листата во Европа. Соодносот на непушачи во однос на пушачи кај докторите изнесува – 52,47% непушачи и 47,53% пушачи. Зачудува и фактот дека една третина од докторите пушат во присуство на пациентите што е и негативен пример за пациентите кој дава впечаток дека пушењето не е штетно за здравјето. Иако речиси сите пушачи, сакале тоа да го признаат или не, сакаат да прекинат со таа лоша навика, очигледно е дека повеќето од нив не се подготвени за тој предизвик. Освен тоа, пушењето поттикнува бројни социјални прашања, како што се пушењето на јавно место, спонзорство на различни спортски и културни настани од страна на фабриките за тутун, како и маскирано рекламирање на тутунските производи и покрај законската забрана.

Со децении не се знаело за штетните последици од пушењето. На многумина цигарите им се препишувани како лек. Но, во 1964 година Американското хируршко здружение за прв пат од научна страна ја претставила штетноста од таа навика. Денес ни е сосем јасно дека не само што е опасно, туку, според зборовите на Светската здравствена организација, во прашање е болест која поради силната проширеност добила пандемски размери.

Тогаш, зошто луѓето сè уште пушат? Зошто таа навика сè повеќе се шири меѓу младите, а особено меѓу жените? Зошто фабриките за тутун сè уште, на прикриен начин, имаат право на рекламирање и спонзорство на настани кои им обезбедуваат подобар углед во општеството? И, од друга страна, зошто во развиениот свет толку силно се поттикнуваат програмите за намалување на пушењето?

Кога секој ден би паѓале по дваесет џамбоџети 747, дали вие и понатаму би користеле авионски превоз? Па, сепак, над дваесет џамбоџети полни со луѓе секојдневно умираат поради последиците од пушењето цигари!

СОСТОЈКИ НА ЦИГАРИТЕ

Секоја цигара при согорувањето создава околу 500 мг чад, кој се состои од гасовит дел (92%) и ситни честички (8%); 85% од тежината отпаѓа на неотровните молекули на азот, кислород, аргон, јаглероден диоксид, додека преостанатите 15% содржат многу штетни и отровни хемикалии. Сите тие отрови можеме да ги поделиме во неколку групи:

Канцерогени материи: ароматски амини (предизвикуваат рак на мочен меур), нитрозамини (рак на желудник), бензопирен, бензоантрацен и метиколантрен (рак на бели дробови); метали во траги (никел, арсен, кадмиум). Тие ги предизвикуваат канцерогените болести.

Коканцерогени: фенол, масни киселини и крезол, кои во соработка со некои други материи го поттикнуваат развојот на смртоносните болести.

Надразнувачки материи: ацеталдехид, амонијак, акролеин, етанол, формалдехид, азотни оксиди. Овие материи ја блокираат работата на ресичките (цилии) на клетките на системот за дишење, поттикнуваат создавање на слуз и стеснување на бронхиите, па со самото тоа и настанување на кашлица.

Останати отровни материи: никотин (дрога која создава зависност, негативно дејствува на нервите и кардиоваскуларниот систем), јаглен моноксид (го попречува транспортот и искористувањето на кислородот во организмот).

ПУШЕЊЕТО Е ШТЕТНО!

Пушењето е штетно и опасно по здравјето од многу причини. Тоа е најсмртоносната зависност во западниот свет и воедно најпревентабилна болест. Со откажувањето од таа зависност се намалува смртноста, разболувањето, инвалидитетот и предвремената неспособност за работа, се зголемува продуктивноста во работата, но истовремено се спречува и нанесувањето штета на непушачите преку пасивното пушење.

Според процените на Светската здравствена организација, во светот пушат околу една милијарда и сто милиони луѓе. Од тоа годишно умираат околу пет милиони луѓе, од кои 1.200.000 се од Европа. Исто така, СЗО смета дека кај мажите пушењето е причина за 20- 25% смртност од болести на срцето и крвните садови, 90-95% смртност од рак на бронхиите и белите дробови, како и 45-50% смртност од останатите тумори. За мажите и жените заедно, се проценува дека 15% од смртноста од болестите на срцето и крвните садови, како и 30% смртност од малигни тумори предизвикани од пушењето. Бившата главна директорка на СЗО, д-р Гро Х. Брантланд, предупредува дека пушењето ги усмртува половина од тие што пушат цел живот, и четвртина од сите пушачи во текот на нивниот работнопродуктивен период, предизвикувајќи со тоа загуба на примарниот носител на приходи во многу семејства.

Значи, пушењето доведува до зависност од тутун, до оштетување на здравјето, тешки болести и скратување на животот. Знаете ли од што најчесто умираат пушачите? Иако човек, според претходните бројки и досегашните сознанија, би помислил дека умираат од рак на бели дробови, факт е дека цигарата ги покосува најголемиот број жртви како последица од инфаркт на срцето.


Краткорочни последици од пушењето

  • забрзување на работата на срцето и зголемување на крвниот притисок
  • стеснување на крвните садови на рацете и нозете, намалена циркулација, ладна кожа
  • зголемено лачење на желудочна киселина
  • затапеност на сетилата за мирис и вкус
  • забавување и парализирање на работата на влакната во системот за дишење
  • поттикнување на зголемена активност на мозокот и нервниот систем, со последично намалување на нивната работа
  • кашлица и зачестени настинки

Долгорочни последици од пушењето

  • мошне зголемен ризик од инфаркт на срцето и мозочен удар
  • отежнато дишење
  • воспаление на дишните патишта
  • хроничен бронхитис
  • емфизем
  • импотенција
  • засилена остеопороза
  • рак на бронхиите и белите дробови, усните, ждрелото, душникот, хранопроводот, панкреасот, мочниот меур, бубрезите, грлото на матката, крвта (леукемија), дебелото црево, машките полови органи, кожата
  • чир на желудникот и на дванаесетпрсното црево
  • брзо стареење и создавање брчки
  • скратување на животниот век

Една испушена цигара го скратува животот на пушачот за 7 до 12 минути.

ИЗЛОЖЕНОСТ НА ЧАДОТ ОД ТУТУНОТ

Последните неколку години многу се зборува за таканареченото пасивно пушење или, можеби подобро кажано, присилно пушење. Со неволно вдишување на чадот од цигарите на пушачите во својата околина, непушачот
често се подложува на слични опасности како и самиот пушач.

Чадот од цигарите кој го вдишуваат пасивните пушачи содржи преку 4000 хемикалии, а многу од нив се премногу штетни. Докажано е дека основните здравствени последици на пасивното пушење се:

  • надразнување на слузницата на носот, системот за дишење и очите;
  • влошување на состојбата кај болните од астма и емфиземот на белите дробови;
  • зголемување на ризикот од рак на белите дробови и коронарни болести;
  • зголемено заболување од воспаленија на системот за дишење и средното уво;
  • влошување на астмата кај децата.

Експертите сметаат дека пасивното пушење е еден од најчестите облици на злоупотреба на децата. Неродените деца на трудниците кои пушат се подложени на посебен погубен облик на пасивно пушење. Истражувањата зборуваат дека таквите трудници честопати имаат спонтани абортуси, вонматерична бременост, застој при развојот на фетусот, вродени малформации на детето, мала родилна тежина на новороденчето, како и зголемена смртност на новороденчињата и доенчињата.

Цигарата е еколошки неприфатлива од многу причини. Чадот и догорчињата значително ги загадуваат околината, облеката, мебелот, целосно домот, природата, автомобилот, работното место, и сл. Неправилното ракување со догорчињата и самата цигара често предизвикуваат непроценливи штети настанати со големи пожари и сообраќајни несреќи.

ТОГАШ, КОЈ ПУШИ?

Пушењето било традиционално машка навика. Меѓутоа, во текот и по Првата светска војна пушењето станало сè попопуларно и меѓу жените, кои и на тој начин сакале да ја потврдат својата еманципација. Состојбата во нашата земја го следи таквиот развој на ситуацијата.

Проектот „Употреба на психоактивни супстанци меѓу општата популација во Република Македонија“ бил имплементиран во 2017 година во меѓусебна соработка меѓу Институтот за јавно здравје, Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика при Медицинскиот факултет, УКИМ, Скопје и 10-те регионални Центри за јавно здравје (ЦЈЗ). Главна цел на тој научно истражувачки проект било да се добијат податоци за употребата на психоактивни супстанци меѓу општата популација (на возраст од 15-64 години кои живеат во приватни домаќинства), со посебен фокус на подгрупата млади урбани луѓе (15-34).

Ова истражување покажало дека 55,4% од испитаниците на возраст од 15-64 години користеле тутун во текот на животот, додека кај возрасната група од 15-34 години, овој процент изнесувал 50,7%. Најголем процент пушачи биле на возраст од 35-44 години (животна преваленција од 62,6%) Кај возрасната група од 15-64 години активни пушачи се 46%, додека на возраст од 15-34 години 40,2% од испитаниците. Машките пушачи на возраст од 15-64 години се повисоко застапени од женските (54,1% наспроти 33,3% кај жените).

Познато е дека и младите на сè помала возраст експериментираат со цигарите. На 15 години, пропорцијата на секојдневни пушачи е 13%, а на неделни 17%. И покрај релативно ниските пропорции на децата-пушачи на возраст од 11 и 13 години, пушењето е многу позастапено кај момчињата, во споредба со девојчињата. На 15 години, 23% од момчињата, во просек, односно 19% од македонските девојчиња, се изјасниле дека пушат, секојдневно или барем еднаш неделно.

ПРИЧИНИ ЗА ПУШЕЊЕ

Причините поради кои се пробува првата цигара се сосем различни од оние поради кои се продолжува со пушење. Тие се движат од притисокот на своите врсници, израз на бунтовност спрема авторитет, преку желбата младите да изгледаат како возрасните, да бидат „кул“, секси, софистицирани и паметни, па сè до едноставната желба да бидат прифатени во друштво со пушачите (семејството, пријателите, колегите на работа). Меѓутоа, најчесто се работи за сложена комбинација од сите тие причини.

Без оглед на причината која ѝ претходела на првата цигара, за повеќемина овој настан е поврзан со негативни чувства и сеќавање на кашлање, задушување, вртоглавица и непријатно чувство.

Меѓутоа, чудно е како човечкиот организам може да се приспособи дури и на ваков отров. Цената за тоа секако дека не е ниту мала, ниту пак безначајна.

Зошто тогаш сите продолжуваат со таа навика? За тоа постојат бројни причини:

ЗАВИСНОСТ. Тоа е тежок збор и на многу пушачи не им е мило нешто да ги држи в рака. Како што нивото на никотинот и другите сложени состојки на тутунот опаѓа во нивната крв, тие чувствуваат потреба за следна цигара. Одвреме-навреме се јавува т.н. толеранција и на пушачите им се потребни сè поголеми количества никотин за да се чувствуваат донекаде нормално. Поради тоа, тие постапно ја зголемуваат потрошувачката на 20-30 цигари дневно. Покрај ваквата физичка зависност, се создава и психичка, која исто така е многу силна и поттикнува кај пушачот неодолива желба да запали цигара.
Зависноста од тутун се забележува и при одвикнување од пушење, кога новопечениот непушач поминува низ вистинска апстиненциска криза. Таа се состои од низа различни симптоми од физичка и психичка природа.

НАВИКА. Просечниот пушач пуши околу 20-30 цигари дневно, што значи дека истиот ритуал го извршува од седум до единаесет илјада пати годишно. На луѓето инаку им е потребна многу помала зачестеност од повторување на одредени дејства за да можат добро да ја совладаат и да ја усвојат како навика. Кога некој пуши со години, кај него се создава силна нервно-мускулна навика поврзана со цигарата, која подоцна ги поттикнува пушачите тоа да го прават автоматски и несвесно.

УЖИВАЊЕ. Некои луѓе пушат од задоволство, било да се во друштво со пријатели било при релаксација по ручек. Самата гестикулација и ракувањето со цигарата или набљудувањето на чадот кој го исполнува воздухот со разни фигури им причинува големо задоволство. Факт е дека пушењето може да го смири пушачот и да му пружи поттик за понатамошни активности.

ЗДОДЕВНОСТ. Никој не ја сака беспомошноста на здодевноста. Таа ги поттикнува пушачите да запалат цигара во моментот кога не знаат што да прават со себеси. Не е мал бројот на многу момчиња кои почнале да пушат во текот на долгите часови и денови за време на отслужување на воениот рок.

ПРИТИСОК ОД ВРСНИЦИТЕ И ВЛИЈАНИЕТО НА СЕМЕЈСТВОТО. Луѓето често почнуваат да пушат и под влијание или по убедување на пријател, колега од работа или на други луѓе со кои доаѓаат во контакт. Иако сите си ја сакаме личната слобода на избор и правото на приватност, честопати правиме некои несвесни чекори со кои настојуваме да им угодиме на другите и да бидеме прифатени. Тинејџерите се често изложени на вистинско мачење поради притисокот од врсниците доколку не подлегнат на таа погубна навика. Личниот пример на родителите пушачи или на останатите членови од семејството ги наведува децата на истиот порок.

ДОКАЖУВАЊЕ. Многу луѓе се согласуваат да пушат само за да можат пред другите да се покажат позрели, постари, посамостојни и слободни.

СТРЕС. Бидејќи пушењето навистина привремено опушта, цигарата најчесто се пали во стресни ситуации. Вдишаниот чад од тутунот предизвикува биохемиски реакции во организмот, кои го намалуваат чувството на напнатост. Меѓутоа, на тој начин само ги ублажуваат симптомите, но не и причините за стресната ситуација. Пушењето само по себе набргу создава многу нови проблеми, кои водат кон болест, па дури и кон смрт.

НАЧИН НА ОДРЖУВАЊЕ НА САКАНАТА ТЕЛЕСНА ТЕЖИНА. Пушењето понекогаш помага во ова, бидејќи никотинот го смалува чувството на глад, но тоа е секако еден од најпогубните начини за контрола на телесната тежина. Човек на тој начин може и понатаму да ужива во нездравите јадења и во телесната активност а при тоа да не се дебелее, со што многу му штети на своето тело. Тоа истовремено се полни дополнително со отровни хемикалии од тутунот. Крајниот резултат секако е поразителен и погубен

Најдобра е онаа цигара која никогаш не е испушена!

ПРЕСТАНУВАЊЕ СО ПУШЕЊЕ

Сите наведени причини воопшто не се доволно цврсти за да го оправдаат чинот на пушење. Својот статус во општеството, проблемот со стресот, здодевноста или одржувањето на телесната тежина секако дека можеме да ги решиме на многу поконструктивен и поздрав начин, за што зборуваме во текот на целиот овој курс. Од друга страна, ползата од престанувањето со пушење е голема. Еве неколку од нив:

  • подобро здравје и за вас и за лицата кои ви се драги
  • значајно намалување на ризикот од заболувања и смрт
  • зголемување на енергијата
  • подобар пример за семејството, децата и друштвото
  • подобра прифатеност во друштвото
  • повеќе слободно време за семејството, работата, рекреацијата и општествените активности
  • подобрување на сетилата за вкус и мирис
  • зголемена самопочит и чувство на лична вредност
  • чувство на контрола над себе и својот живот

КАКО ДА СЕ ОДВИКНЕШ ОД ТАА ПОГУБНА НАВИКА?

Пред сè, самиот пушач треба цврсто да одлучи да го направи првиот чекор за да престане да пуши. Никој не може присилно да се натера да прекине со каква било трајна навика. Во моментот кога пушачите ќе се решат да престанат да пушат, петнаесет отсто од нив ќе го постигнат тоа сами. Поттикот за таква нагла промена обично настанува поради предупредување од лекар за опасност од заболување, смрт на познато лице поради пушење или можеби со промена на правилникот на работното место на кое пушењето е забрането.

Од друга страна, на повеќето им е потребна поддршка од семејството или помош од стручно лице, за да успеат во тој голем потфат. Некои личности, пак, мораат да поминат низ програма за организирано одвикнување од пушење со групна и стручна поддршка, која чекор по чекор ќе ги води кон долгорочна победа. Кога човек ќе донесе одлука да престане да пуши, најголем проблем ќе му создава психичката и свесната желба за цигарата. Во одреден процент случаи, пушачите кои прекинале да пушат, по некое време повторно му се враќаат на тој порок. Бидејќи еднаш создадените примери на однесување во мозочните клетки никогаш не се бришат, кај многумина желбата за цигара се јавува и по многу години апстиненција. Поради тоа, бившите пушачи треба да бидат свесни и однапред треба да знаат дека војната не е изгубена доколку еднаш се случи да паднат. Продолжете и понатаму со борбата! Многумина целосно се откажале од цигарите дури по неколку залудни обиди. Ако не се обидете повторно, никогаш нема да дознаете дали можете да успеете во својата одлука.

Но, за да си ги олесните миговите на искушение и да истраете во тоа, најдобро е да се ослободите од сите предмети што сте ги користеле при пушењето (цигари, запалка, пепелник…).  На тој начин полесно ќе му одолеете на искушението кога при рака немате што да пушите. Исто така, доколку по многу последователни обиди раката само ќе посегне во празен џеб, ќе ослабне рефлексот од автоматско барање на запалката. Кога луѓето престануваат да пушат, се соочуваат со многу „празнини во времето”, кои инаку ги исполнувале со цигара. Многу е важно однапред добро да се испланираат активностите со кои ќе се занимаваат во тие моменти. Во текот на успешно одвикнување од пушење многу бивши пушачи развиле нови позитивни, често креативни навики со кои ги пополниле тие празнини и ги свртеле мислите од цигарата, а истовремено го подобриле и квалитетот на својот живот.

Престанувањето со пушење веднаш позитивно влијае на здравствената состојба на новопечениот непушач.

По последната цигара:

  • по 20 минути – се нормализира крвниот притисок, пулсот и телесната температура
  • по 8 часа – нивото на јаглероден моноксид и кислород во крвта се враќа во нормала
  • по 24 часа – се намалуваат ризиците од добивање инфаркт на срцето
  • по 48 часа – се подобрува состојбата на нервните завршетоци, сетилата за мирис и вкус
  • по 72 часа – доаѓа до релаксација на бронхиите, олеснето дишење и зголемување на капацитетот на белите дробови
  • од две недели до три месеци – се подобрува крвотокот и функцијата на белите дробови, се олеснува движењето.
  • од еден месец до девет месеци – полека се повлекува кашлицата, затнатоста на синусите, заморот и задишаноста, се обновуваат ресичките на дишните патишта, воспаленијата се поретки, и се зголемува вкупната телесна енергија

Долготрајно – намалени се опасностите од кардиоваскуларни и малигни заболувања, како и од хроничните болести на белите дробови, се подобрува целокупната здравствена состојба и се продолжува очекуваниот животен век.

И ВИЕ МОЖЕТЕ ДА ГО СТОРИТЕ ТОА!

Цигарите стануваат составен дел од сите активности во животот на пушачот, а психичката и физичката зависност од неа секојдневно се зголемува. Пушачот, кој се откажува од цигарите, се чувствува како да го губи најдобриот пријател (иако е најподмолниот непријател!), како да прави голема жртва. И тоа е болно.

Сепак, можно е да се престане со оваа погубна навика! Илјадници луѓе во светот го постигнуваат тоа секоја година. И вие можете да го сторите тоа!

Теоретските знаења добиени преку оваа лекција на некои пушачи нема да им бидат доволен мотив и извор на сила за одвикнување од пушењето. Доколку чувствувате дека сè уште не сте подготвени или дека ви е потребна посилна поддршка во таа смисла, посетете ја веб страницата на Центарот за јавно здравје, каде што можете да најдете информации за Советувалишта за одвикнување од пушењето, во кои ќе ја добиете потребната стручна помош. Доколу е потребно, советувајте се со лекар за примена на лекови, како помош во одвикнувањето од пушење. Исто така можете да ја порачате брошурата – „5-ДНЕВЕН ПЛАН ЗА ОДВИКНУВАЊЕ ОД ПУШЕЊЕТО“.

Ако во вас созреала оваа голема одлука, уште веднаш храбро придружете им се на милионите луѓе кои засекогаш се збогувале со таа подмолна и погубна навика. Применете ги начелата што ги научивте во работниот дел од нашиот курс и за оваа област. Преземете го најголемиот можен исчекор кон процутот на своето здравје – КАЖЕТЕ МУ НЕ на пушењето, и тоа еднаш засекогаш!

КАКО ДА СЕ ПРЕСТАНЕ СО ПУШЕЊЕТО

Кога човек се откажува од пушење, најтешки му се првите три дена. Кај повеќемина, копнежот за цигарата попушта веќе од петтиот ден, а кај некои пушачи и сосем исчезнува. Следејќи ги советите на д-р Џ. Вејн Макфаланд, автор на прочуениот „Петдневен план за одвикнување од пушењето“, може во голема мера да ви ги олесни тие значајни денови во вашиот живот.

ПОМОШ СО ВОДА – ОДНАДВОР. Дозволете си себеси туширање со топла вода неколкупати дневно по 15-20 минути. Само опуштете се! Ако помислите дека веќе нема да можете да издржите без цигара, вратете се назад во кадата или под туш. Таму нема да ви биде пријатно да пушите!

ПОМОШ СО ВОДА – ОДНАТРЕ. Пијте од шест до осум чаши вода меѓу оброците секој ден. Колку повеќе вода ќе испиете, толку вашите бубрези побрзо ќе работат и никотинот побрзо ќе испари од вашето тело. Особено е важно во текот на првите 24 часа да се консумира вода во пообилни количества!

ДОВОЛНО СОН. Секоја ноќ, во текот на петдневниот период за одвикнување од пушење, треба да отспиете најмалку осум часа. На вашите нерви им е потребна добра подготвеност за да можете да се соочите со овој тежок период. Само добриот сон може да ви го овозможи тоа. Појдете рано на спиење, но немојте да одите на забави или во кафулиња.

ПЕШАЧЕЊЕ ПО ЈАДЕЊЕ. По секој оброк настојувајте да излезете на свеж воздух. Шетајте триесетина минути и дишете длабоко. Избегнувајте ја својата омилена фотелја во која ќе чувствувате најголема желба за цигара!

ВАРДЕТЕ СЕ ОД СТИМУЛИ. Немојте да пиете алкохолни пијалаци, ниту пак пијалаци кои содржат кофеин (црно кафе, руски чај, „кока-кола“…). Обидете се да ги избегнете сите седативи и стимули за да можат вашите нерви побргу да заздрават и да зајакнат.

НАМАЛЕТЕ ГО КОНСУМИРАЊЕТО НА НЕЗДРАВА И ПРЕЗАЧИНЕТА ХРАНА. Страсните пушачи користат силно зачинета храна бидејќи тутунот им го отапува сетилото за вкус. При одвикнувањето од цигарите ослободете се од силно зачинетите и мрсни оброци, како и од нездравите слатки. На своето сетило за вкус дозволете му благо заздравување. Избегнувајте го шеќерот кој ги троши витамините од групата Б, кои се многу потребни за силата на вашите нерви.

ЈАДЕТЕ ПОВЕЌЕ РАСТИТЕЛНИ ПРОИЗВОДИ Јадете жита, овошје, заленчук и јаткасти плодови во поголеми количества. Немојте да се грижите за телесната тежина во овој момент. Појадувајте пообилно, а вечерајте умерено. Грицкајте свеж морков, целер или јаболко кога ќе почувствувате потреба за цигара. Доколку ви е неопходно, џвакајте гума за џвакање без шеќер.

ДОПОЛНИТЕЛНИ ВИТАМИНИ. За да обезбедите дополнително количество витамин Б, со секој оброк земајте по една или две кафени лажички пченични никулци. Може да се обратите и кај својот лекар за таблети Б-комплекс.

ПОМОШ ОД ЛЕКАР. Доколку овој период ви е навистина неиздржлив, обратете му се на својот лекар, кој може да ве посоветува за лекови кои ќе ви помогнат во овој период на одвикнување или веднаш откако сте престанале со пушење.

ДУХОВНА СИЛА. Ако досега никогаш не сте се молеле, сега е вистинско време тоа да го направите. Побарајте од Бога сила за победа над желбата за цигара, и тоа со наједноставни зборови, како што би му се обратиле на познат пријател. Кога ќе ве обземе несовладлива желба за пушење, самите на себеси кажете си: „Решив да не пушам веќе!“, и потоа испијте една чаша чиста вода, вдишете длабоко неколку пати и упатете ја кон Бога својата молба. Ќе почувствувате дека желбата за пушење за неколку минути ќе почне да се намалува. Успеавте да ја пребродите кризата и да ја зајакнете својата волја. Овој период на силни нагони постепено ќе се намалува. Вие можете да успеете и да го почувствувате задоволството кое одамна не сте го почувствувале! Сега можете да му погледнете на светот право в очи, затоа што вие сами, а не „господарот Никотин“, управувате со својот живот!

ИЗВОРИ

D-r Borović Petar. Primarna prevencija ishemijske bolesti srca u: Prof. dr Miodrag Ostojić i sar., Preporuke za prevenciju ishemijske bolesti srca, Beograd, Nacionalni komitet za izradu vodiča kliničke prakse u Srbiji 2002.
Doll R et al. Mortality from cancer in relation to smoking: 50 years observations on British doctors. Br J Cancer 2005; 92:426-429.
Henningfield JE,. Tobacco dependence and withdrawal: science base, challenges and opportunities for pharmacotherapy. Pharmacol Ther. 2009 Jul; 123(1):1-16.
Министерство за здравство, Национална стратегија на Република Македонија за превенција и контрола на незаразните болести 2009
D-r sc. med. Plavšić Zorica, Monografija „Uživaj bez duvanskog dima“ Eurodream, Beograd, 2012.
Royal College of Physicians of London. Nicotine addiction in Britain: a report of the Tobacco Advisory Group of the Royal College of Physicians, Royal College of Physicians, London, U.K. 2000.
Институт за јавно здравје, Информација за состојбата со болестите на зависност во Република Македонија, 2015-2016
Институт за јавно здравје на Република Македонија, ЕСПАД истражување, извештај, Употреба на цигари, алкохол, дроги кај училишната младина, 2015 година
WHO report on the global tobacco epidemic, 2011: warning about the dangers of tobacco World Health Organization. Geneva Switzerland.
WHO Global Youth Tobacco Survey Data. – Report 2011. World Health Organization
Wilkenfeld J. It is time for a change: cigarette smokers deserve meaningful information about their cigarettes. Journal of National Cancer Institute. 2000; 92 (2): 90- 2.

Ве молиме да го изработите тестот за да преминете на следната лекција.