6. Запоставениот животен еликсир

6. Запоставениот животен еликсир

НАЈПОТРЕБНАТА ТЕЛЕСНА СОСТОЈКА

Замислете си на нашата планета, по некое чудо, наеднаш да престане да врне дожд, да паѓа снег, да се јавува роса и да престанат сите други врнежи. Не морате премногу да фантазирате за да заклучите дека тоа ќе биде катастрофа од несогледливи размери:

  • голем дел од растителниот свет би бил уништен во рок од само неколку дена;
  • животните би живееле сè додека има резерви вода, а некои видови ни толку бидејќи поради намаленото количество водата во реките, морињата и езера многу бргу ќе се загрева;
  • нивото на водата ќе опаѓа и речните корита ќе пресушат;
  • ќе исчезнуваат изворите на вода за пиење, а жедните животни ќе трагаат уште по некоја неоткриена оаза;
  • болестите ќе се шират со неверојатна брзина.

А што ќе се случи со луѓето? Властите би прогласиле состојба на природна катастрофа. Ќе се зголеми цената на Добра вода, Ладна, Изворска, Кожувчанка, Визиана, Горска и на другите минерални, газирани и негазирани води што се продаваат во шишиња. Ќе се зголеми цената и на „кокакола“, „фанта“ и останатите сокови и ледени чаеви бидејќи тие ќе станат вистинска реткост. Што мислите, дали големите количества сок, пиво, вино, кои се наоѓаат по сите подруми на овој свет, би можеле да му го продолжат животот на човековиот род во таа замислена катастрофа?

Можеби, но за кратко време.

А хигиената? Производството на храна? Градинарството? Сточарството? Туризмот?

И понатаму нема смисла да ги набројуваме човечките дејности кои е невозможно да се замислат без вода.

Затоа, сега ќе престанеме да фантазираме и ќе преминеме на реалноста што нè опкружува. Тука и понатаму се соковите, кои ни ја ветуваат свежината, енергијата и виталноста. Но, водата не може ништо да ја замени. Тоа доаѓа од таму што водата со своите својства совршено одговара на потребите на живите суштества. Можеме да потрошиме многу време на проучување на структурата на молекулите на водата и нејзините физички и хемиски својства, и како тие својства овозможуваат живот на Земјата. Но, ние во оваа лекција нема да се занимаваме со животот околу себе, туку како водата, таа волшебна формула на животот, е поврзана со животната сила во нас.

ЖИВОТНАТА СИЛА ВО НАС

Кога зборуваме за градбата на човечкото тело, водата несомнено е неговата најважна состојка бидејќи сочинува 55-90% од човечкиот организам. Всушност, количеството и делот на водата во организмот на човекот се менува во различни фази од неговиот живот, како и фактот дека со стареењето овој процент опаѓа.

Една од теориите кои се обидуваат да го објаснат процесот на стареењето се темели токму на фактот дека со стареењето на организмот сè повеќе губиме вода. Телото на еден старец содржи половина помалку вода од телото на едно бебе!

Количеството вода со кое се раѓаме мора постојано да се надополнува во организмот. Причината за тоа е што во водата и со нејзиното посредство се случуваат сите хемиски реакции во човечкото тело. Додека го читате овој текст, во вашето тело неповратно се трошат милиони молекули вода, без кои самиот процес на читање не би бил возможен. За секое движење се користи извесно количество вода. Додека спиете ноќе, низ вашите бубрези се филтрираат милијарди молекули вода. Ако пред спиење сте јаделе нешто солено, наутро нема да ви се брза да одите во веце.

Човековото тело секој ден на различни начини губи значајни количества вода, во зависност од количеството на внесената вода и од условите на околината. Ние не губиме еднакви количества вода ако трчаме во летните спарни денови или седејќи пред телевизор во студените зимски денови.

„ВОДЕНИ ФИНАНСИИ“: ПРИХОДИ И РАСХОДИ

Просечниот човек мокри 3-5 пати дневно и притоа губи околу 1000 и 1500 мл вода. Во текот на дишењето, зборувањето, пеењето, од дишниот систем испаруваат дури до 500 мл вода. Низ изметот исто така губиме дури до 100-200 мл вода дневно. Преку потењето можат да се изгубат големи количества вода (и до 10 литри) во услови на екстремно високи температури, но просечен човек дневно губи околу 400 мл со испарување преку кожата. Со едноставно собирање на тие загуби, вкупната дневна загуба ќе биде од 2000 до 2500 мл.

Бидејќи извесно количество вода се внесува по пат на цврста храна (околу 700 мл), а делумно се произведува во својот организам (околу 300 мл), останува разликата од 1500 мл која би требало секојдневно минимално да се внесува преку течна храна и пиење вод

УЛОГАТА НА ВОДАТА ВО ЧОВЕЧКОТО ТЕЛО

За да можеме да го разбереме начинот на кој влијае водата што ја пиеме врз нашето здравје, мораме одблизу да ги разгледаме сите улоги што ги извршува таа во телото:

  • Врши пренос на хранливите состојки и излачување на отпадните материјали од организмот;
  • Го исполнува клеточниот и меѓуклеточниот простор;
  • Помага при создавањето на макромолекулите;
  • Учествува во хемиските реакции во организмот;
  • Служи како растворувач на минералите, витамините и аминокиселините;
  • Ги подмачкува зглобовите при движење, намалувајќи го триењето помеѓу зглобните површини, а ја наоѓаме и во обвивката на внатрешните органи кои поради својата специфична функција цел живот се движат (срце, бели дробови). Водата на тие места го намалува триењето и овозможува непречено стегање и опуштање на срцето, односно дишењето;
  • Служи како амортизер при удари или притисок, па ја наоѓаме и во ткивата на очното јаболкце, во дисковите помеѓу прешлените правејќи го ’рбетот свитлив и еластичен, во постелката за време на бременоста, околу мозочното ткиво во облик на ликвор;
  • Помага при регулацијата на телесната температура;
  • Го потпомага оплодувањето на јајце-клетката со сперматозоидот (сперматозоидите можат да се движат само во водна средина);
  • Овозможува комуникација помеѓу клетките (меѓуклеточна течност);
  • На клетките им дава одреден степен на потпора, а со тоа и на целиот организам;
  • Бидејќи крвта и крвната плазма во голем дел се состојат од вода, таа служи за пренос на хранливите состојки, хормоните, отпадните материјали (уреата) и кислородот;
  • Во текот на варењето на храната ги раствора хранливите состојки.

ШТО ПОДРАЗБИРАМЕ ПОД ТЕЧНА ХРАНА?

Тоа е важно прашање бидејќи одговорот ни објаснува зошто многубројните индустриски произведени пијалаци не можат да бидат замена за чистата вода. Всушност, храната е сето она што го предизвикува варењето и лачењето на дигестивните сокови. Варењето е низа од сложени процеси со кои организмот ги преработува материите внесени во системот за варење за да може полесно да ги искористи за добивање енергија и корисна работа. Ако некој пијалак содржи одредено количество шеќер, тој мора да се свари зашто тој шеќер се препознава како храна. Или ако користиме млеко, што ние го сметаме за пијалак, нашите органи за варење го препознаваат како храна поради протеините, мастите и шеќерите што се наоѓаат во него (иако во мали количества) и повторно се придвижува лачењето на соковите за варење како и самиот процес на варење.

Она што го сметаме за храна често е последица на културните и други влијанија; но за нашиот организам, храна е сè што може да послужи за добивање на енергија заради корисна работа.

Добро е да се спомене која храна содржи големо количество вода:

  • сите видови овошје, особено лубениците, јагодите и дињите, кои освен тоа, имаат и благо диуретско дејство кое го поттикнува излачувањето на штетните состојки од организмот;
  • зеленчукот, особено лиснатиот зеленчук, потоа краставицата, доматот, коренестиот зеленчук (морков, компир);
  • млеко и јогурт;
  •  различни видови супи

Интересно е да се спомене дека во нас, при процесот на варење на храната, дневно се излачуваат просечно околу осум литри вода во вид на различни излачени сокови. Иако најголем дел од таа вода се враќа во организмот, тој факт ни објаснува колку е апсурдно водата да се надополнува со храна! Значи, ви недостига вода, и кога ќе внесете течна храна со желба да го надополните недостигот на вода, таа храна поттикнува лачење на уште поголеми количества дигестивни сокови.

Од друга страна, алкохолните пијалаци, црното кафе и некои чаеви имаат диуретско дејство и нивната употреба доведува до поголема загуба отколку внес на течности. Индустриски произведените сокови се богати со калории. Доколку ги пиете наместо вода, можат да предизвикаат зголемена телесна тежина, па и дебелина. И вашиот лекар често ќе ви советува да ги избегнувате доколку имате проблеми со телесната тежина.

„Повеќето луѓе денес воопшто не размислуваат за дневното губење и внесување вода, а сепак се живи и здрави!“, ќе речете по ова.

Внимателно! Живи се, но колку се здрави не можете да кажете врз основа на ова површно гледање.

ДВИЖЕЊЕ НА ВОДАТА ВО ТЕЛОТО

Водата во човечкото тело е сместена во два основни дела. Разликуваме клеточен дел и вонклеточен дел на течноста. Вонќелискиот уште се дели и на меѓуклеточна течност и крвна плазма (течен дел на крвта која останува кога ќе се отстранат крвните телца).

Меѓу одделни делови постои постојана комуникација и струење на водата, така што губењето на водата во еден дел влијае на количеството вода во другиот и обратно, слично на принципот на споени садови. Освен водата, во ќелиите се наоѓаат и различни минерали, од кои за задржување на водата во телото најзначаен е натриумот. Главен извор на натриум во храната е обичната кујнска сол. Нема човек во светот кој не ја забележал тесната поврзаност меѓу количеството сол во храната и потребата за пиење вода. Причината е во тоа што зголемувањето на сол, но и на други слични материи (шеќери) во телесните течности во телото го будат чувството за жед, што доведува до зголемување на внесот на вода. Доколку и покрај чувството на жед не пиете вода, туку консумирате, на пример, супа, која е течност и тоа солена, или пак индустриски благ сок, освен што внесувате вода, истовремено во организмот сте внеле и сол, односно шеќер, и со тоа сте создале маѓепсан круг. Во тој случај ги доведувате своите бубрези во ситуација да мораат напорно да работат концентрирајќи ја урината и задржувајќи ја водата во организмот за да ја одржат рамнотежата. Тоа се манифестира во специфичните особини на урината. Урината на човек на кој му недостига вода во организмот, има карактеристичен интензивен и непријатен мирис (поради високата концентрација на уреа – отпаден продукт), темножолта боја и е во многу мало количество. Наспроти тоа, урината на човек кој има доволно вода во организмот е светла, речиси без боја и мирис.

За да пиеме вода, не треба да чекаме да почувствуваме жед; треба да ја претекнеме!

НЕДОСТИГ ОД ВОДА

Болната состојба на организмот на кој му недостига вода ја нарекуваме дехидратација. Во зависност од степенот, таа може да биде блага, умерена и тешка. Се смета дека чувството на жед секогаш е последица на дехидратација, значи состојба која не е најповолна за одржување на здравјето и добриот квалитет на живот.

Умерената дехидратација се пројавува преку симптоми во централниот нервен систем (мозокот е орган кој е најчуствителен на недостиг од вода) во облик на засилена раздразливост или сонливост, главоболка, суви усни и јазик, а кај потешките ситуации се јавуваат подочници, воспаленија на ушите, зашилен израз на лицето, нарушување на рамнотежата, вртоглавица, летаргија и друго.

Посебно чувствителни на дехидратација се новороденчињата, доенчињата и малите деца, бидејќи сè уште немаат доволно развиени компензациски механизми, ниту пак се во состојба да го изразат чувството на жед. Во ризичната група спаѓаат и постарите лица, посебно слабо подвижните и дементните, како и сите лица кои зависат од туѓа помош. Поради посебните работни услови во таа група спаѓаат и работниците кои се занимаваат со тешка физичка работа, спортистите, како и лицата кои престојуваат во услови на висока температура на околината. Поради тоа, на таквите лица водата треба во секое време да им биде достапна и на располагање, а треба да ја пијат веднаш штом ќе се појави чувството на жед.

ЗДРАВСТВЕНИ ПОСЛЕДИЦИ ОД ДОЛГОРОЧНА ДЕХИДРАТАЦИЈА

Луѓето кои пијат осум чаши вода дневно, за половина ги намалуваат шансите да се разболат од болестите кои се водечки причини за смрт во развиените земји!

Познато е дека телесните и менталните функции слабеат при дехидратација од само 1-2%, а до колабирање на организмот (губење на свест) доаѓа при дехидратација од 7%. Недостигот од вода од 15% може да предизвика смрт на организмот.

Со оглед на тоа дека приближно половината од вкупната содржина на водата во организмот се наоѓа во мускулите, недостигот од вода се манифестира во вид на чувство на слабост, снеможеност и замор. Може да се каже дека премалиот внес на вода (недоволниот) во организмот, е главна причина за чувството на замор во текот на денот.

Мошне важно место во регулацијата на составот на телесните течности имаат бубрезите. Бубрегот е витален орган, што значи дека без обата бубрега не е можно да се живее, освен со помош на дијализа – постапка во која на вештачки начин, по пат на дијализатор, се имитира улогата на бубрег во организмот. Само патем да споменеме дека има случаи кога единствена алтернатива на дијализата при лекувањето на престанокот на бубрежната функција е трансплантација или пресадување на бубрег од сроден донатор. Лекувањето со дијализа е скапо и драстично го намалува квалитетот на животот, а кај нас трансплантацијата е сè уште привилегија на малубројни среќници. Затоа, од големо значење е да го одржуваме здравјето на нашите бубрези. Низ нив секојдневно циркулира големо количество течности – дури и до 1800 литри крв. Нивната вистинска задача е филтрацијата, со што дневно од тоа големо количество се издвојуваат околу 180 л филтрати кои влегуваат во составот на бубрежните каналчиња. Во нив се концентрираат отпадните материјали што треба да се излачат од телото во околу еден и пол литар урина на ден. Преостанатиот дел се ресорбира (повторно се впива) во крвотокот. Ако бубрезите работат во услови на дехидратација, нивната одговорна и напорна работа станува уште посложена и потешка.

Само неколку чаши вода дневно го намалува ризикот од заболување од рак на дебелото црево. Тоа се постигнува благодарение на позитивното влијание на водата врз цревната перисталтика. Запекот или опстипацијата е честа појава во денешно време поради стресниот начин на живот и порастот на бројот професии при кои претежно се седи. Тоа е една од главните причини за појавата на хемороиди, но и појавата на ракот на дебелото црево. Кај лицата кои патат од запек, штетните состојки имаат можност подолго време да дејствуваат врз слузницата на задниот дел од цревото (каде се наоѓаат фекалиите до празнењето) и така ги предизвикуваат канцерогените промени.

Новите истражувања покажуваат дека доволните количества вода ја намалуваат густината на крвта, а со тоа и ризикот од сите кардиоваскуларни болести, вклучувајќи ги и срцевиот и мозочниот удар, кои кај нас сè уште се наоѓаат меѓу главните причинители за смрт. Научниците утврдиле дека кај испитаниците кои дневно испиле пет или повеќе чаши вода ризикот од заболување од срцеви болести и нивните компликации бил помал речиси за 50%!

Денес постојат докази дека пиењето вода го намалува и чувството за глад. Истражувањата спроведени во САД покажуваат дека кај 37% од населението чувството за жед го заменува со чувството за глад. Една студија од Вашингтон покажала дека пиењето на чаша вода го залажувало чувството на „полноќен глад“ кај лицата кои се подебели во дури 100% од случаите. Тоа значи дека кога понекогаш ќе почувствуваме глад, едноставно треба да испиеме чаша со вода и да почекаме таа да почне да дејствува. Можеби тој едноставен
рецепт ќе нè поштеди од бројни непотребни калории!

Според некои податоци, ризикот од заболување на рак на дојка кај жените кои пијат барем пет чаши вода дневно се намалува дури за 79%. Ако на тоа го додадеме и фактот дека ракот на дојка е „убиец број еден“ меѓу карциномите кај жените, се прашуваме дали некој може рамнодушно да помине покрај чаша бистра, чиста вода.

За оние поинаетливите, го додаваме и фактот дека пет чаши вода дневно го намалува ризикот од заболување од рак на мочниот меур за 50%. Општо земено, се смета дека благата, но хронична и долготрајна дехидратација е поопасна за здравјето на човекот од акутната, дури иако таа е потешка според степенот, бидејќи последиците од хроничната дехидратација подмолно се развиваат додека не предизвикаат тешка болест. Познато е дека кај голем број луѓе хроничните болки во ’рбетот и зглобовите може да се намалат со пиење доволно количество вода. Всушност, ’рскавицата, која е составен дел на повеќето зглобови, претставува ткиво со многу голем дел вода и овде водата ја извршува улогата која во другите ткива ја извршува крвта (’рскавицата не содржи крвни садови и не се храни со крв, туку ги впива хранливите состојки од водата што се наоѓа во неа). Доколку се намали содржината на водата во ’рскавицата, таа станува сè поподложна на оштетување и не може адекватно да се обновува. Во неа почнуваат да враснуваат крвните садови, што доведува до нејзино пропаѓање и оштетување на зглобот.

Сè позачестената појава на алергиски болести исто така може да се поврзе со долготрајната блага дехидратација на организмот. Супстанцијата по име хистамин во организмот учествува во прераспределбата на водата според приоритетите. 

Веќе порано спомнавме дека најчувствителен на недостигот од вода е мозокот. Тој воедно е и прв на листата од приоритетните органи на кои секако треба да им се обезбеди вода во ситуација на „елементарна непогода“, т.е. „суша во организмот“. Потоа на ред доаѓаат белите дробови, црниот дроб, бубрезите и жлездите, а дури потоа мускулите, коските и кожата. Ако организмот е во состојба на „суша“, хистаминот станува изразито активен. Несреќна околност е дека тој е одговорен за астмата и другите алергиски болести, па не е реткост проблемите од слична природа кај некои луѓе да се ублажат едноставно со пиење повеќе вода.

Депресијата, една од најчестите болести на денешницата, во некои случаи може да се поврзе со недоволно внесување вода во организмот. Денес се знае дека кај депресивните лица има изразито ниска концентрацијата на мелатонин во мозокот. За да може тој да се создаде во доволни количества, потребна е дневна светлина, но и доволни количества вода кои ја носат главната „суровина“ до главата за изградбата на мелатонинот.

ВОДАТА И УБАВИНАТА

Освен што ни овозможува одржување на личната хигиена и хигиена на нашата околина, водата има значајна улога и во одржувањето на убавината.  Внесувањето на доволни количества вода има козметичко дејство врз телото на човекот. Во добро хидрираниот организам се зголемува притисокот во клетките на кожата, а таа со тоа добива убав и затегнат изглед, без збрчканост. Покрај тоа, водата го поттикнува излачувањето на штетните материи; ја зголемува содржината на кислородот во крвта и со тоа кожата добива здрава и румена боја. Посебно е добро да се пијат доволни количества вода ако слабеете, бидејќи тогаш кожата има тенденција да виси бидејќи не може да го следи брзото намалување на обемот на телото.

Од друга страна, стручните извори нè известуваат дека пиењето вода е едно од главните оружја во борбата против таложењето на целулитот.

КАКО ДА СЕ ПИЈАТ ОСУМ ЧАШИ ВОДА ДНЕВНО?

Во денешно време, со забрзаниот деловен и приватен живот невозможно е да се испланира пиењето на доволни количества вода, а при тоа да не се прекршат општопознатите начела:

  • да не се пие вода за време на оброкот;
  • да не се пие вода барем половина час пред, односно еден и пол час по оброкот;
  • да не се пие вода непосредно пред спиење.

Добронамерниот предлог во таа смисла би можел да гласи вака: наутро, веднаш по станувањето од кревет, напијте се барем две чаши вода.  Водата ќе ве разбуди, па можеби и нема да морате да го испиете вашиот вообичаен филџан со црно кафе, кој и онака ќе ве „исуши“ со своето диуретско дејство. Половина час подоцна можете да појадувате. Со себе на работа понесете си шише од половина литар вода, што ќе го испиете меѓу појадокот и паузата на работа. Испијте уште една чаша вода до крајот на работното време, односно до ручекот. Тоа се веќе пет чаши вода. Попладне, по еден и пол час од ручекот испијте уште две чаши вода. Преостанатата чаша лесно ќе ја испиете до вечерата. Немојте да пиете големо количество вода непосредно пред спиење, бидејќи тоа ќе ви ги наруши одморот и сонот кои ви се еднакво важни за вашето добро здравје, а и се предмет на 9-татаа лекција во нашиот курс.

Постојат повеќе видови вода за пиење:

  1. ВОДА ВО ШИШИЊА
  2. ВОДА ОД ВОДОВОД – Анализата на Центрите за јавно здравје во Македонија за 2014 г. укажуваат дека 63,09% од популацијата се снабдува со вода за пиење од централни водоснабдувачки системи. 10,3% од руралното население е приклучено на градски водоводи, 22,7% се снабдуваат од локални јавни водоснабдувачки системи со кои не секогаш стопанисува јавно претпријатие, додека 3,9% од руралното население се водоснабдуваат од локални водоснабдувачки објекти (јавни чешми, кладенци, бунари, пумпи и др.).
  3. ВОДАТА ОД СОПСТВЕНИ ВОДОВОДИ И БУНАРИ – често има сомнителен квалитет бидејќи е подложна на различни загадувања, а ниту една установа не е задолжена да врши надзор над нив.

Водата е одамна заборавен извор на животна сила во човечкото тело која обезбедува добро здравје и виталност. Единствено таа со сите свои својства ги задоволува потребите на живите суштества и затоа е незаменлива. Осум чаши вода, колку што е препорачливо да се испијат дневно, не сметајќи ги тука посебните потреби и околности, е една од наједноставните природни лекови за спречување на повеќето хронични болни состојби на современиот човек. Без воздржување, можеме да кажеме дека за нивното настанување придонело и отфрлањето на едноставната навика како што е – пиењето чиста вода.

ИЗВОРИ

Comprehensive Cancer Control Plan. Prevention, Early Detection and Treatment in New Jersey. Report to the Governor. 2008-2012.
American Cancer Society. Cancer Facts and Figures 2007. Atlanta, GA: American Cancer Society, Inc., 2007.
National Cancer Institute US.Changing the Conversation. The Nation’s Investment in Cancer Research. 2012
Chan, J. et al. „Water, other Fluids and Fatal Coronary Disease“ Amer Jour of Epidem, sv l. 155. 2002. 827-33
Doc. d-r Aleksandra Stanković, Voda kao osnova zdravlja, fiziološki, tehničkoekonomski i epidemiološki značaj vode, Predavanja, Medicinska ekologija, Medicinski fakultet Niš
Институт за јавно здравје на Република Македонија, Извештаj за здравjе на населението во Република Македониjа за 2014 и 2017 година

Ве молиме да го изработите тестот за да преминете на следната лекција.