10. Најдлабокото растоварување

10. Најдлабокото растоварување

ЧОВЕКОТ Е СЕОПФАТНО СУШТЕСТВО

Човекот е најсовршеното суштество на овој свет и со своите способности и особини се издигнува над сите живи суштества. Иако во космички размери изгледа толку мало, дури преку љубовта можеме да ја согледаме неизмерната вредност и на најмалиот поединец. Создадени сме прекрасно и возвишено со разновидни димензии кои се стопуваат во совршена целина: телесна, интелектуална, чувствена, општествена и духовна. Секоја личност поседува несогледлива длабочина на чувства и мисли, собрани од искуства и заклучоци.

Целосната благосостојба на секој поединец зависи од урамнотежениот развој на сите тие димензии.

Процутот на здравјето не е само резултат на правилна исхрана или редовно вежбање, туку во голем дел и на меѓусебниот однос кој го негуваме, сите тие мисли што ни поминуваат низ умот, како и влијанието на околината во која живееме. Емоционалните и социјалните законитости се исто толку важни за нашата благосостојба, како и биохемиските процеси во нашите клетки.

МИСЛАМ, ЗНАЧИ ПОСТОЈАМ!

Човекот е мисловно суштество. Непрестајната работа на нашите мозочни клетки, според познатиот филозоф Декарт, е најголем доказ за нашето постоење: „Мислам, значи постојам!“

Мисловната и чувствената страна се нераскинливо поврзани со физичката природа на нашето битие. Всушност, секoјa личност е свесна за своите мисли благодарение на телесниот склоп на мозочните клетки, како и од менталниот склоп на свесните и несвесните сеќавања и преживеаните искуства. Како резултат на сите тие мисли и со сето она што го втиснало паметењето уште од првиот ден на постоењето, настанува нашата личност. Секоја нова мисла што поминува низ нашиот ум остава неизбришлива трага која го утврдува или во одредена мера го менува нашиот карактер. Урамнотеженоста на човекот во голем дел зависи од квалитетот на мислите што ги негува во својот ум.

Нашите мисли се хранат од она што го гледаме, читаме или слушаме. Затоа, правилниот и критичкиот избор на ТВ-програмите што ќе ги гледаме, литературата што ќе ја проучуваме, хобијата со кои ќе се занимаваме и односот кој ќе го развиваме е од непроценливо значење. Сите тие работи можат многу да го обликуваат нашиот психички живот, составот на нашите вредности и начинот на прифаќање на самите себеси и своите ближни.

Како што и наскоро поблиску ќе согледаме, позитивните ставови и чувства, како што се добрината, среќата, довербата и смиреноста, ја исполнуваат личноста и го поттикнуваат нејзиното добро здравје. Од друга страна, негативните доживувања, како што се стравот, обесхрабрувањето, тагата, омразата и слично, дејствуваат разорно и можат да влијаат дури и на настанувањето на болестите.

Духовната состојба директно ја определува здравствената состојба и физичкиот изглед. Кога човекот ќе се налути, му се зголемува крвниот притисок; кога ќе го обземе страв, во миг му се менуваат дигестивните процеси; при силен психички шок, може дури и да му обели косата…

Ниеден лек не дејствува на огорчената душа, а само конструктивните мисли можат да ги залечат раните и болките на нашата душа.

Кога умот е преплавен со негативни мисли, целиот организам е вознемирен и се забрзува неговото заболување и стареење.

Израелскиот цар Соломон не бил имунолог, но уште пред три илјади години ги запишал овие вдахновени зборови:
„Веселото срце е благотворно како лек, а невеселиот дух ги суши коските!“
Интересно е и тоа што по повеќе од повеќе илјади години науката открила дека најголемиот дел од нашиот имунолошки систем настанува во средиштето на коската – во коскената срцевина, и со тоа ја потврдува вистинитоста на Соломоновото тврдење.
Тагата, депресијата, напнатоста и „невеселиот дух“ навистина ги „сушат коските“ и она што настанува во нив – имунолошкиот систем, најголемиот заштитник на нашето здравје! Од друга страна, оптимистичкиот став, смиреноста и позитивните чувства го јакнат имунитетот и дејствуваат како лек на нашето тело.

Кај жените, брачните проблеми произведуваат многу посилна стресна реакција отколку деловните. Кај мажите е спротивно, деловните проблеми многу го зголемуваат ризикот од психосоматски болести.

ПСИХОСОМАТСКИ БОЛЕСТИ

За жал, современиот човек сè почесто се соочува со депресија, тага, страв, напнатост, лутина, желба за одмазда, продолжено чувство на вина, љубомора и безволност. Оваа листа би можела да се продолжи до бесконечност, набројувајќи ги работите кои лесно можат да го поттикнат развојот на опасни психосоматски болести. Тоа се болести на телото кои во најголем дел настануваат поради стресови и преоптовареност на нашата психичка, емоционална и духовна природа. Да ги наброиме само најпознатите психосоматски болести: алергии, астма, артритис, болки во грбот, различни видови канцерогени заболувања, кардиоваскуларни болести, проблеми со косата, главоболка, зголемен крвен притисок, несоница, импотенција, нервозни црева, различни промени на кожата, чирови. Стручњаците предупредуваат дека 75-90% од сите болести се поврзани со состојбата на човечкиот ум.

ИСТРАЖУВАЊАТА СЕ УБЕДЛИВИ

ОМРАЗАТА И ПОТИСНАТАТА ЛУТИНА го зголемуваат ризикот од инфаркт на срцето, го зголемуваат крвниот притисок и ја забрзуваат смртта на болните од кардиоваскуларни и канцерогени болести.

БЕЗНАДЕЖНОСТА го забрзува напредувањето на атеросклерозата и таа е прогласена за независен причинител и фактор за заболување и смрт од инфаркт на срце, мозочен удар и рак.

Во минатата лекција зборувавме за тоа како ТАГАТА и ДЕПРЕСИЈАТА можат негативно да се одразат на работата на имунолошкиот систем и на целокупната здравствена состојба. Истражувањата на ова подрачје напредуваат. Еден тим лекари од Флорида неодамна докажал дека ПЕСИМИЗМОТ  и поголемите стресни настани во животот ја намалуваат делотворноста на НК клетките и останатите „борци“ за нашиот имунитет. Од другата страна на океанот, британските научници предупредуваат дека лицата кои се во стресна состојба почнале да умираат позачестено од сите видови рак.
Истражувањата поврзани за влијанието на позитивни емоции врз здравјето имаат нешто постар датум. Се сеќавате ли на д-р Белок и Брезлоу и нивните големи студии споменати во втората лекција од нашиот курс? Освен сите таму наведени последици од влијанието на животните навики на здравјето и долговечноста, интересно е да се спомне и заклучокот до кој дошле овие научници, а тоа е дека среќата го продолжува животот! Во текот на нивното деветгодишно испитување умреле 57% повеќе несреќни луѓе отколку среќни.

Во 1980 година, во познатото американско списание „Сајанс“ (Science) е објавен научен труд во кој е прикажан неочекуван резултат. Тим истражувачи го испитувале дејството на храната со високо количество холестерол врз развојот на срцевите заболувања кај зајаци. Тие биле сместени во неколку кафези наредени еден над друг. На сите зајаци им е давана иста храна. Меѓутоа, во моментот кога ветеринарот ги прегледал, сфатил дека животните од горниот кафез имале 40% развиена коронарна болест за разлика од оние кои биле сместени во долниот кафез.

Зошто? Од каде таква разлика?

Единственото можно објаснување било дека човекот кој ги хранел бил многу низок, па додека ги хранел зајаците можел да си поигра само со зајаците од долниот кафез, а додека на горните само им ставал храна. Искажаната љубов, нежност и внимание кај овие зајаци го забавиле развојот на смртоносната болест, без оглед на лошата храна.

Десетина години подоцна направена е друга, многу интересна студија. Испитаниците со зголемен крвен притисок биле поделени во две групи. На поединците од првата група им е доделен по еден пријател со кој се дружеле во наредните шест месеци. Во ист временски период и другата група испитаници добила исто така пријател, но не човек, туку куче. По одредено време им е измерен крвниот притисок и резултатите покажале големо намалување на вредностите во едната група. Погодувате ли во која? Во втората! Лицата кои уживале во безусловната верност и љубов на своето милениче биле толку среќни што тоа се одразило и на нивната телесна здравствена состојба. Човекот е целосно суштество и сите негови димензии се нераскинливо поврзани. Заемното дејствување на телото, умот, чувствата и духот е силно и длабоко.

Но, иако е убаво да се чита за среќата, нежноста, вниманието, верноста и безусловната љубов, понекогаш тие слики се нереални и толку недостижни. Јасно ни е дека само тие особини носат целосно здравје и дека треба да се ослободиме од тешките грижи и стресови, но како можеме тоа да го постигнеме?

Нашиот животен пат честопати е сличен на спуштање на кајакар низ брза река и прекрасна природа.

Влегувајќи во мирен тек на водените струи, тој со лесни движења на веслата го насочува својот кајак. Наеднаш пред него се појавуваат брзаците на тесниот кањон. Мокар од вода и пот, со сите сили настојува да се одржи над водата. Во еден момент се случува она најлошото. Неговиот кајак се превртува од удар на силен бран. Веслото му се крши. Кајакот е исфрлен на брегот, но реката наеднаш го повлекува назад, во својата дива и нескротлива матица. Во тој момент, главата му излегува на површината, за веднаш потоа да исчезне во длабочината. Нешто подоцна, малку низводно, тој излегува од мирната водена површина. Конечно успева повторно да завладее со ситуацијата, ги собира своите расфрлани работи и излегува од реката која се покажала поопасна отколку што очекувал.

„Конечно“, промрморува. „Доста ми е од сè!“

Зар не е исто и со нашите животни патешествија? Се бориме, настојувајќи да останеме на површината на буицата од безброј проблеми и силни притисоци што нè опкружуваат. Несаканите ситуации ни се наметнуваат ненајавено и насилно. Понекогаш сите свои сили ги трошиме на избегнување катастрофи, помали или поголеми, кои често и сами си ги предизвикуваме. Изгубени сме во еден затворен круг на постојани притисоци во брзакот на стресот.

ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД СТРЕСОТ

СТРЕС

Стресот е неспецифична психофизичка реакција на организмот на различни притисоци на кои сме изложени. Воопштено гледајќи, сето она што ја нарушува нашата рамнотежа може да поттикне стресна реакција. Стресот не е секогаш негативен за нашето здравје. Понекогаш стресот е позитивен и ни помага на успешен начин да се соочиме со животните проблеми и предизвици. Благодарение на него, поенергично и побрзо ги совладуваме предизвиците низ кои минуваме.

Од друга страна, појавите како што се болест, развод, несреќа и смрт поттикнуваат во нас негативен стрес. Непосакуваниот стрес може да настане и поради помали ситуации, како што е караница, неправда, страв, чувство на бескорисност и безнадежност. Освен тоа, притисокот и брзањето во современиот начин на живот, престојот во големите, бучни и пренаселени градови, како и визуелните дразби на блескавите светла и реклами нè доведуваат до неизбежно и секојдневно искуство на стрес. Понекогаш, причините за нашата вознемиреност лежат длабоко во нас, во облик на желба за докажување, љубомора, омраза, загриженост, чувство на вина, егоцентричност и сл.

Сите тие наведени појави и ситуации ги нарекуваме стресови. Тие во нашиот организам поттикнуваат вистинска бура од различни промени, односно стресна реакција. Во крвта се излачуваат хормоните адреналин и кортизол. Тогаш човекот побледува, крвниот притисок се зголемува, се зголемува бројот на отчукувањата на срцето, се забрзува дишењето, се шират зениците, усните се сушат. Со тоа се зголемува количеството на маснотии и шеќер во крвта, мускулите стануваат напнати, се забрзува процесот на згрутчување на крвта. Накусо кажано, нашето тело се подготвува за одговор – за борба или за бегство.

Стресот е поим со кој се означува мост помеѓу личноста и околината. Од една страна, го прават стресовите кои однадвор и однатре дејствуваат на нашиот организам, а, од друга страна, стресната реакција на нашето тело.

Замислете дека се наоѓате на логорување. Одеднаш се слуша како нешто шушка во блиските грмушки. Станува збор за обичен зајак. Но доколку сте помислиле дека во прашање е мечка, станувате возбудени и исплашени. Вашето тело реагира на таквата ментална состојба со лачење адреналин, поради што вашето срце почнува побрзо да чука. Крвниот притисок расте и во вас се одвива стресна реакција. Но, ако мирно заклучите дека во грмушките се наоѓа птица, сета таа бура од чувства и реакции изостанува.

Интензитетот на стресот многу е поврзан со личните ставови и со погледот на светот кој нè опкружува. Нашите животни сфаќања и верувања, па и духовните ставови ја одредуваат јачината на стресната реакција на нашето тело. Ова е многу важно да се разбере бидејќи не можеме да ги промениме надворешните услови, но тоа внатре можеме! Ние можеме да ги изградиме својата сила, сигурност, мир и вера.

Иако можеби никогаш нема да отидете на логорување каде што ќе се сретнете со диви животни, слични реакции се случуваат секојдневно во вас додека се соочувате со поинакви „мечки“.

Понекогаш ќе пламнете обидувајќи се да се изборите за своите права. Во други пригоди, бегате и се оддалечувате од стресните ситуации. Човекот во денешно време сè почесто се повлекува во себе. Се обидува да ги заборави своите проблеми со ТВ-програма или со чашка ракија, додека истовремено „се вари“ во сопствените хормонски сокови. Ако ваквата прикриена состојба продолжи подолго време, одржувајќи го организмот во состојба на подготвеност со сите претходно споменати промени, неизбежно се нарушува телесното здравје.

Стресот го поттикнува развојот на атеросклерозата, го зголемува ризикот од инфаркт на срце и мозочен удар, го намалува снабдувањето на срцевиот мускул со крв, ги доведува до состојба на грч срцевите артерии, ги зголемува масните наслаги во вратните артерии, ги зголемува крвниот притисок и холестеролот во крвта, го ослабнува дејството на имунолошкиот систем и го поттикнува развојот на канцерогените болести.

Иако најчесто не можеме да ги менуваме ситуациите низ кои поминуваме, ние можеме однапред да се подготвиме за животните проблеми зајакнувајќи ја својата внатрешна сила и сигурност. Со самото тоа, нашиот одговор на надворешните проблеми ќе биде поблаг и полесно ќе можеме да ги пребродиме.

ПОСТАВУВАЊЕ НА ЕДРАТА

Прекинете го читањето за момент. Посветете малку време на размислување за својот живот. Кои работи ве мачат во овој момент? На кои стресови сте најизложени? Што можете да направите во овој поглед? Како би требало да ги поставите своите едра? Иако во рамките на овој курс не можеме детално да ги објасниме сите методи на успешно соочување со стресот, сакаме да ви понудиме кратки насоки. Бидејќи авторите на овој курс се со христијанска верска определба, ќе ви пружиме совети од таа перспектива. Меѓутоа, повеќето од нив можат да имаат голема корист и значење и за читателите со поинакви определувања.

Обидете се да ја анализирате својата состојба и да размислите за своите проблеми, земајќи ги предвид наведените чекори за успешно решавање на стресот. Еден дел од понудените совети веќе ги обработувавме во претходните лекции. Другите работи се јасни сами по себе, а седмата и осмата точка поблиску ќе ја објасниме во продолжение.

Чекори за успешно справување со стресот

  • Здраво и разумно соочување со ситуацијата – да ги менуваме работите кои можеме да ги смениме, да ги прифатиме и да се приспособиме на ситуацијата која не можеме да ја промениме, да ги избегнуваме неважните проблеми над кои немаме контрола. Да не го игнорираме проблемот бегајќи од него и заменувајќи го со алкохол и гледање телевизија.
  • Целокупен здрав начин на живот – лесна исхрана, вежбање, одмор, сон.
  • Разумно планирање на задачите согласно сопствените можности и способности.
  • Да не се оптоваруваме со работи кои не можеме да ги промениме.
  • Размислување за добрите страни на луѓето и настаните – да негуваме позитивни мисли.
  • Избегнување на стимуланси како што е кофеинот (црно кафе, кока-кола пијалаците) и сл.
  • Учество во алтруистички активности – помагање на другите луѓе.
  • Христијанска молитва, размислување и доверба во Бога.

АЛТРУИЗАМ

Дејл Шелдс по седмата операција на бајпас на срцето паднал во тешка депресија. Ја загубил од вид смислата на својот живот и секаква надеж за оздравување. Еден ден, додека во таква состојба отишол на риболов на Флорида, здогледал пеликан фатен во стапица како умира на карпите. Ја ослободил птицата, ја однел дома и ја негувал сè додека не била способна да полета. Оттогаш Дејл го посветил својот живот на спасување безброј птици повредени од хеликоптери или рибарски мрежи. Го нарекле Човек-пеликан. Но, што е уште поубаво во целата оваа приказна, е тоа што Дејл помагајќи им на другите најмногу си помогнал себеси. Ја пронашол причината за своето живеење. „Потребен сум им на тие птици“, вели тој. „Некој мора да им помогне на тие ранети суштества.“

Познатиот американски психијатар д-р Карл Менинџер, по едно предавање за менталното здравје, одговарал на прашањата поставени од слушателите. „Каков совет би му дале на човек кој се чувствува како да е пред нервен слом?“, се слушнало од публиката. Повеќето студенти очекувале дека неговиот одговор ќе гласи: „Што побрзо нека посети психијатар“. На нивно изненадување, д-р Менинџер одговорил: „Би му кажал: ’Излези од дома, пронајди некој кој е во неволја и помогни му‘“.

Интересно е што најновите истражувања за влијанието на алтруизмот врз човечкото здравје укажуваат токму на тоа, дека несебичното однесување е по- врзано со менталното здравје. Пружањето помош на другите повеќе помага од примање помош, иако и двете активности позитивно влијаат на менталното здравје.

„Поврзаноста меѓу телото и духот е многу длабока. Кога едно од нив ќе настрада, другото сочувствува и страда заедно со него. Состојбата на духот влијае на здравјето на целиот организам. Кога човекот е свесен дека им прави добро на другите и е задоволен поради тоа, во него се создава расположение кое позитивно влијае на целиот организам.“

 ЈАКНЕЊЕ НА ДУХОВНОСТА

Иако до неодамна било непопуларно да се зборува за духовноста, денес ставовите за тоа прашање се сосем изменети. Се признава дека човекот има духовна природа и на големо се поттикнува нејзиниот развој. Дури и од научна страна се докажува дека урамнотежениот развој на таа човечка димензија е неопходен за здрав, среќен и исполнет живот.

Веќе видовме дека безнадежноста, омразата, тагата и песимизмот го уништуваат човековото здравје, додека нежноста, радоста, надежта, вниманието, безусловната љубов и верноста придонесуваат за нашата благосостојба. Зборувавме за тоа и дека човекот не може да ги менува неповолните надворешни околности кои поттикнуваат стресни реакции и поради кои се раѓаат споменатите негативни емоции. Меѓутоа, ние сами одлучуваме за тоа што ќе негуваме во својот ум. Наместо да се препуштаме на текот на секојдневието, важно е да одвоиме време за градење на внатрешниот мир дури и пред да се соочиме со тешките животни проблеми. Повеќето луѓе не сакаат да размислуваат за тоа и некако потсвесно веруваат дека трагедиите секогаш му се случуваат на некој друг. За жал, секој од нас, порано или подоцна во животот, го очекуваат непријатни ситуации. Најуспешен начин да се подготвиме за нив секако е градењето на сопствената духовност.

Истражувањата ни откриваат како лицата кои ја негуваат духовноста имаат помалку проблеми со депресијата и анксиозноста и во здравје и во болест. Исто така, меѓу нив е забележан помал процент на обиди за самоубиство, криминално однесување, прибегнување кон зависности, опасно и неморално однесување. Продуховените луѓе имаат посреќен брак, подобра меѓучовечка комуникација и помалку конфликти, како и поголем оптимизам во сите животни ситуации.

На кој начин можеме да го поттикнуваме развојот на нашата духовност? Различните светски религии имаат свои совети и методи за развојот на духовноста. Гледајќи од научна страна, без оглед на релаксирачкото дејство, некои од тие методи се здрави, а некои се помалку препорачливи. Хиндуизмот, таоизмот, будизмот и другите источни религии советуваат медитација, продуховени јога вежби и слично. Монотеистичките религии нудат комуникација со Создателот. Христијанската молитва во облик на разговор со Бога како со пријател, за разлика од останатите споменати методи, дејствува не само смирувачки, туку истовремено ги развива и потенцијалите на човечкиот разум, а притоа да не го воведе во безизлезна состојба на транс. Позитивното дејствување на молитвата посебно се зајакнува кога таа е придружена со читање на Божјиот збор, Библијата. Во таа инспиративна книга, бестселер на сите времиња, секој поединец може да пронајде решение за безбројните животни ситуации и проблеми.

Со анализирање и прифаќање на одбраните совети од таа богата палета капки животни мудрости, секој може да ги надгради сопственото искуство, карактерот и мудроста. Читателот во Библијата може да пронајде ветувања како што се: „Не плаши се, бидејќи Бог е со тебе“. „Нека не се плаши вашето срце“ и „Сите свои грижи препуштете му ги на Бог, бидејќи тој се грижи за вас“. Кога ќе почувствуваме дека тие ветувања за Божјата грижа и помош се исполнуваат во нашиот живот, неизбежно се менуваат многу работи длабоко во нас. Иако однадвор можеби не ја искажуваме видливо својата побожност, ние стануваме променети, посмирени личности, со надеж во посреќна иднина. Тоа е всушност знак на исполнување на нашите најдлабоки духовни потреби.

ЗАКЛУЧОК

Секој може во мир, насамо, во интимните моменти на негување на духовноста да се исполнува со вдахновени зборови кои даваат сила за живот. И тоа навистина се исплатува бидејќи резултатот нема да изостане.

Сознанието дека со кормилото на малиот чамец на нашиот живот, кој брза низ разбеснетите брзаци, непогрешно управува семоќниот Бог полн со мудрост, љубов и грижливост, ни го донесува најцелосното растоварување.

Таквото олеснување, со сите останати совети од овој курс, најсигурно нè води кон подобро и посовршено здравје, кон најбујниот процут на целото наше битие.

Нашата најискрена желба е сето тоа во целост да се исполни во вашиот живот.

РОЗA

Едно попладне, младиот свештеник се шетал во градината заедно со својот постар колега. Исполнет со несигурност поради она што го чека во иднината, му ги доверил своите стравови на искусниот свештеник. Тој се приближил кон грмушката со рози и скинал една затворена пупка. Му ја подал на младиот човек и му рекол да го отвори цветот, но да не уништи ниту едно венечно ливче.

Младиот свештеник со недоверба гледал во розата, не сфаќајќи каква врска има тој цвет со неговата иднина. Но, бидејќи длабоко го почитувал својот соговорник, се обидел да ја исполни задачата… и наскоро сфатил дека е невозможно да ги зачува сите ливчиња неоштетени.

Забележувајќи ја збунетоста на лицето на својот помлад колега, кој тукушто ги оштетил нежните ливчиња, стариот човек почнал да ја рецитира следнава песна:

Oва e само една пупка нежна,
Цвет прекрасно обликуван од Бога;
A jaс, jaс не можам да отворам ни листенце
Со несреќните прсти на телото мое.

Taјната на расцутеното цвеќе
Не е позната за таквите како мене.
Бог го отвора овој толку убав цвет
Но, во моите раце тој умира и венее.

Па, ако не можам да ја отворам пупката,
Тој прекрасен цвет што Бог го создал,
Како само можам и да помислам дека имам мудрост
да ги отворам листенцата на мојот живот?

Затоа, ќе му се доверам Тој да ме води
И во секој нов ден и во секој миг,
Ќе се препуштам на Неговата рака
На патот каде владее мрачната сенка.

Само мојот Небесен Татко ја знае
Патеката што се постила пред мене.
Нему ќе му се доверам во секој момент да делува.

И НА КРАЈОТ ОД СЕВО ОВА… ТЕМЕЛИТЕ НА ЗДРАВЈЕТО

Кога лекарот разговара со својот пациент и ќе ги изврши сите потребни прегледи и тестови, му станува прилично јасно каква е неговата здравствена состојба. Меѓутоа, таа здравствена состојба, која ја чувствува и самиот човек во секојдневниот живот и која го одредува квалитетот на тој живот, е само врв на ледена санта. Причините за одредена здравствена состојба се кријат под површината, и колку повеќе продираме во длабочината, тие стануваат сè поважни. Како што можевме да научиме од материјалот од овој курс, здравствената состојба директно зависи од здравствените навики на поединецот.

Да ја земеме како пример навиката за јадење црвено месо. Колку поголеми количества од тие производи јадете, толку повисоки ќе ви бидат холестеролот и крвниот притисок, како и ризикот од заболување од кардиоваскуларни и канцерогени болести. Зошто тогаш некои луѓе се обожаватели на црвеното месо? Мораме малку подлабоко да размислиме за да можеме да одговориме на ова прашање. Ако некој пораснал јадејќи црвено месо и печен компир, дали можете да погодите со што тој и понатаму ќе се храни во животот? Или, доколку некој секогаш пиел газирани пијалаци, каков ќе биде неговиот избор во иднина? Како што и сами можевме да се увериме во практичниот дел на овој курс, еднаш создадените здравствени навики не е едноставно да се менуваат и покрај сведочењето за нивната штетност.

Прехранбените навики во голема мера се одредени од културата на исхраната со која пораснал некој. За среќа, илустрацијата не завршува овде. Секогаш постојат поединци чии родители пушеле и пиеле. Тие можеби израснале јадејќи нездрава храна, но никогаш не запалиле цигара ниту пак вкусиле алкохол, и се хранат вегетаријански. Зошто тие луѓе тргнале „спротивно од текот на водата“, против културата во која израснале и избрале сосема поинакви навики?

Затоа што нивниот личен избор и вредностите се над општоприфатената култура во средината во која живеат. На крајот на краиштата, секој во животот доаѓа до момент кога свесно ги избира своите сопствени навики и кога личниот избор е длабок мотив за одредени постапки од самата култура. А видот на личниот избор, составот на вредностите што некој ги поседува, директно зависат од неговиот животен став и смислата на живот. Тоа е место каде духовната димензија станува темел на она што човекот е и на начинот на кој неговата духовност и доверба (или недоверба) во Бога директно влијаат на основните животни постапки, избори и навики… а со самото тоа, во голем дел и на самата здравствена состојба на човекот. Оваа илустрација повторно ја нагласува заемната поврзаност на телесната, умствената, емоционалната, социјалната и духовната димензија на човекот.

Со фактот дека сега ги читате последните редови од овој курс, потврдува дека вие сте личност која сака и може своите постапки, избори и навики да ги земе во свои раце, како и тоа дека решително сте зачекориле на патот на ПРОЦУТОТ на своето здравје. Само напред во таа насока!

Искрено ви честитаме на успешно завршениот курс и ви посакуваме долго и среќно цутење!

„Ете го постот, што го избрав: раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем; раздели го лебот свој со гладните, и бездомните сиромаси закрили ги во домот свој; ако видиш гол, – облечи го, и од крвните сродници не криј се. Тогаш твојата светлина ќе светне како зора, и твоето здравје наскоро ќе процути…“

Свето писмо, Книга на пророк Исаија 58,6-8

ИЗВОРИ

D-r Orth-Gomer K. Et al. “Marital Stress Worsens Prognosis in Women with CDH“; JAMA, 2000; 284:3008-14
D-r Matthews K.A: et al. „Chronic Work Stress and Marital Dissolution Increase Risk of Posttrial Mortality in Men“, Arch Intern Med,2002;162:309-15
D-r Harburg E.et al.“Expressive/suppressive Anger Coping Response, Gender and Types of Mortality…“, Psychosomatic medicine, кн. 65; 588-597; 2003.
D-r Everson S.A. et al .“Hopelessness and 4-year Progression of Carotid Atherosclerosis“, Arteriosclerosis, Thrombosis, and Vasc. Biology,1997. 17:1490-95.
D-r Byrnens D. M. et al. Stressful Events, Pessimism, Natural Killer Cell Cytotoxicity, and Cytotoxic/suppressor T Cells…“: Psychosomatic medicine, кн. 60, 6, 714-22; 1998.
D-r mc Carron P. et al. „Temperament in Young Adulthood and later Mortality“, Journal of Epidem and Comm Health, 2003, 57:888-892
Библија, Мудри изреки Соломонови 17,22
E. G. White, Counsels on Health, стр. 587
De Witt S. W. Energized, стр. 148
Choi J. “The True Health Message“, предавање: Campus Hill, Loma Linda, California, 2001.
Jour of Person and Social Psychol, 1991, 61: 582-9
Dr. Maunsell E et al. “Stressful Life Events and Survival after Breast Cancer“, Psych Medicine; 63: 306-15(2001)
Dr. Neil Nedley, Proof Positive, стр.333-344.
Kuzma J. W. Et K, DeWitt S. W. Energized, стр. 369.
D-r Schwartz C et al. „Altruistic Social Interest Behaviors Are Associated with Better Mental Health“, Psych Medicine 65: 778-85 (2003).
E. G. White, Testimonies, кн. 2, стр. 534
D-r Schnoll R. A. et al. „Spirituality, Demographic and Disease Factors, and Adjustment to Cancer“, Cancer practice, 2000. 8, 6:298-304.
D-r Gartner J. Et al. „Religious Commitment and Mental Health, стр. 6-16.

Ве молиме, по завршување на тестот, контактирајте нè и испратете ни ги вашите информации за да можеме да ви врачиме Диплома.